На 16 април 2018 година, во домот Света Марта во Ватикан, папата Фрањо во проповедта предупреди на опасноста да го следиме Исус заради интерес односно заради чудата кои ги прави и поттикна, напротив да го бараме заради верата за да го слушаме Неговото Слово.
Мораме да го освежиме своето сеќавање со она што Господ го направил во нашиот живот за да одговориме на тоа со љубов – рече Папата.
Светиот Отец се послужи со делот од денешното Евангелие според Иван во кое зборува дека после умножувањето на лебот и рибите, мноштвото сакало Исус да го направи цар и го барале не само за да Го слушаат, туку и заради интерес, затоа што правел чуда. Исус сепак се повлекува, а кога Го наоѓаат, ги укорува: „Вие не Ме барате затоа што видовте чудеса, туку затоа што јадовте од лебовите и се наситивте“ – повтори папата Фрањо и рече: Присутните го барале Исус, од една страна за да почувствуваат дека Неговото Слово доаѓа во срцето преку верата, а од друга страна заради интересот. Тие биле добри луѓе, но со вера која не била лишена од интересот. Затоа Исус ги прекорува заради слабата вера.
Тоа е истото однесување кое се манифестира исто така со излекувањето на опседнатиот од Гадаринскиот крај – потврди Папата и додаде: Кога луѓето виделе дека ги загубил свињите, се плашеле дека тие така ќе ги загубат парите и затоа Му рекле да си оди. И повторно со оздравувањето на 10 лепрозни; само еден се вратил да Му се заблагодари додека другите по оздравувањето заборавиле на Исус. Заради тоа Исус нè повикува да се ангажираме не за храна која се расипува, туку за она што останува за живот вечен, односно заради Словото Божјо и љубовта Божја.
Но, постои и друго однесување, она на свети Стефан кое како што се гледа во денешното прво читање јасно зборувал така што не можеле да му одолеат на неговата мудрост – рече Светиот Отец и нагласи: Го следи Исус и не ги мерел последиците; тоа ми одговора, тоа не ми одговара. Не бил оптеретен со интересите. Љубел и го следел Исус со уверување и така завршил. Му поставиле замка со клеветење, го фатиле и каменувале. Но, тој дава сведоштво за Исус.
И мноштвото од Евангелието и свети Стефан го следат Исус, но постојат два начини како тоа се прави; давајќи го својот живот целосно или со малку сопствени интереси – истакна папата Фрањо и повика: Да се запрашаме како го следиме Исус? Неговиот совет е да го освежиме своето сеќавање, прашувајќи се што Тој направил; не општо, туку конкретно во мојот живот?
Ќе најдеме многу големи работи кои Исус бесплатно ги дава на секој од нас, затоа што нè љуби. Кога ќе видиме што направил за нас, треба пак да се запрашаме што ние можеме да направиме за Исус? Можеби со помош на тие прашања ќе можеме да ја очистиме секоја вера од интересите. Кога ќе видиме сè што Исус ни дал, од срцето ќе излезе великодушното: Да, Господ, даваме сè! Нема повеќе да ги правиме тие грешки и гревови, тоа ќе го промени нашиот живот. Патот на преобраќањето заради љубовта се покажува во однесувањето: Бог ни дал многу љубов и ние му даваме Нему љубов.
Папата на крајот ја истакна важноста на тие прашања кои ја чистат верата. Тоа е добар испит како Го следиме Исус, заради интерес или од љубов? Освежете го сеќавањето, мислете на тие две прашања. Што направил Исус за нас, во нашите животи, заради љубовта? Гледајќи го тоа ќе воочиме што ние мораме да направиме за Исус за да одговориме на Неговата љубов. На тој начин ќе бидеме способни да ја очистиме својата вера од секој интерес. Нека Господ ни помогне на тој пат – заврши Светиот Отец.
РВ/к.мк