Папата Фрањо на 13 јануари се сретна со членовите на Католичката акција од Франција, нагласувајќи им дека Словото Божјо е план за нивната служба.
Поздравувајќи ги членовите на Католичката акција од Франција, папата Фрањо потсети на нивната традиција на средба со Папата, која датира од времето на папата Пио XI.
Како тема за поклонението во Рим, движењето беше вдахновено од мотото „Денешните апостоли“. Земајќи го ова во предвид, Папата се осврна на повикот да бидеме делотворни апостоли денес. Кога учениците одат со Исус, тие започнуваат со сеќавање на настаните што ги доживеале и потоа го препознаваат Божјото присуство во тие настани; на крајот, тие дејствуваат враќајќи се во Ерусалим за да зборуваат за Христовото воскресение.
Папата Фрањо потоа се фокусираше на, „трите фази“ – гледање, просудба и дејствување.
Важноста на сеќавањето
Гледањето, рече Папата, е почетната, основната фаза која се состои во тоа што ќе запреме за да ги набљудуваме настаните, кои го сочинуваат нашиот живот, нашата историја, нашето семејство, нашите културни и христијански корени. Нагласувајќи ја важноста на сеќавањето, папата Фрањо се осврна на енцикликата Fratelli tutti, која, како што рече, започнува со поглед на понекогаш загрижувачката ситуација во нашиот свет. Можеби изгледа песимистички, но потребно е за да би оделе напред – рече тој.
Словото Божјо
Зборувајќи за втората фаза – да просудиме или да распознаеме – Папата рече дека ова е моментот кога дозволуваме да бидеме испитувани и предизвикувани. Во оваа фаза, од клучно значење е да се повикаме на Светото Писмо. Станува збор за прифаќање дека животот е подложен на просудбата на Словото Божјо, објасни тој. Соочени со светските настани и нашите животи од една страна, и Словото Божјо од друга страна, можеме да ги препознаеме повиците што Господ ни ги упатува.
Синодалност
Во своето обраќање, Папата истакна дека движењето Католичката акција разви вистински синодални практики низ нивната историја, посебно во животот во групи, што е основа на нивното искуство. Тој истакна дека во синодалниот процес е вклучена и Црквата во целина и дека е потребен нивниот придонес.
Да потсетиме во тој поглед дека синодалноста не е само дебата или барање мнозински консензус како парламент… Тоа е стил што треба да се усвои во кој главен протагонист е Светиот Дух кој првенствено се изразува преку Божјото Слово, кое го читаме, размислуваме и заедно го споделуваме, рече Папата.
Божјо дејствување
Светиот Отец за третата фаза, дејствување, рече дека евангелието нѐ учи дека делувањето секогаш треба да ја вклучува Божја иницијатива. Според тоа, нашата улога е да ги поддржуваме и охрабруваме Божјите дејствија во нашите срца, прилагодувајќи се на реалноста која постојано се развива, рече Светиот Отец.
Времето во кое живееме не е исто како пред неколку години, истакна папата Фрањо. Денес, посебно во Европа, оние кои се дел од христијанските движења се поскептични кон институциите, бараат помалку напорни и минливи врски. Тој понатаму рече дека младите се посебно чувствителни на афективност, па затоа се поранливи, покревки од претходните генерации, помалку вкоренети во верата, но сепак во потрага по смислата и вистината и не се помалку дарежливи.
Како заклучок, Папата им рече на членовите на движењето дека посланието на Католичката акција е да допре до луѓето такви какви што се и да ги охрабри да растат во љубовта кон Христос и ближниот и да ги доведе до поголема конкретна посветеност, да бидат протагонисти во нивните животи и во животот на Црквата, како би се променил светот.
Ватикан њуз/к.мк