Координативниот одбор на официјалната меѓународна комисија за дијалог меѓу Kатоличката и Православната црква заседаваше во унгарската опатија Панонхалма.
Од 15 до 19 јуни, во унгарската бенедиктинска опатија Панонхалма заседаваше Координативниот одбор на Мешовитата меѓународна комисија за теолошки дијалог меѓу Kатоличката и Православната црква.
Завршното соопштение, објавено по состанокот, не содржи детали за содржината на разговорите, сепак од него се издвојуваат два важни аспекта. Прво, работата на Одборот се одвива во атмосфера на заемна почит и конструктивност. Второ, работата врз заеднички текст за историските и теолошките прашања поврзани со непогрешливоста се покажува како сложена и бара понатамошна разработка.
Во соопштението се наведува дека членовите на Одборот воделе интензивна и плодна дискусија за текстот. Било одлучено одредени делови од текстот дополнително да се преработат и појаснат пред тој да биде разгледан на пленарна седница на Комисијата.
Поради тоа е предвидена нова седница на Координативниот одбор, која треба да се одржи во јуни 2027 година.
Настојателот на опатијата Панонхалма, Цирил Тамаш Хортобаѓи, на официјалниот прием одржан во рамките на состанокот најави дека документи и текстови од католичко-православниот дијалог за првпат ќе бидат објавени во унгарски превод.
Публикацијата ќе биде објавена под наслов „Az Igazság Párbeszéde“, односно „Дијалог на вистината“. И оваа иницијатива е пофалена во завршното соопштение.
Бенедиктинската опатија Панонхалма, заедно со катедралниот град Естергом, е едно од најважните духовни средишта во Унгарија. Со децении таа се смета и за значајно место на екуменски дијалог меѓу христијанските цркви.
Католичките и православните делегати заседаваа во Панонхалма под претседателство на кардиналот Курт Кох, префект на ватиканската Дикастерија за промовирање на единството на христијаните, и митрополитот Јов Писидиски од православната Вселенска патријаршија во Константинопол.
Тие двајца заеднички претседаваат со официјалната Комисија за дијалог, која постои од 1980 година. На неколку години се одржуваат пленарни собранија на ова тело, составено од по 30 католички и православни членови. Последното такво собрание се одржа во 2023 година во Александрија, Египет.
Меѓу пленарните собранија, работата се одвива преку Координативниот одбор, кој ги подготвува содржините за следните пленарни средби.
Катпрес/к.мк

