Папата Фрањо во понеделник, 28 март 2022 година, разговараше 45 минути со претседателот на полската бискупска конференција, надбискупот Станислав Гадецки, за рускиот напад врз Украина и бегалците.
Од почетокот на војната во Украина, Полска ги отвори своите граници за повеќе од два милиони бегалци од соседната земја. Гадецки го информирал Папата за мерките за помош за бегалците во Полска, како и во Украина. Тој се осврна на Полскиот Каритас, монашките заедници, свештениците и семинаристите, а особено на „огромната мобилизација и посветеност на полските црковни заедници“, соопшти Епископската конференција во понеделникот по аудиенцијата. Од своја страна, папата Фрањо се заблагодарил на Црквата во Полска за нејзината посветеност и ја вети неговата духовна поддршка.
Како што пишува полската редакција на Vatican News, разговорот меѓу Папата и претседателот на полската бискупска конференција се однесувал и на оние бегалци, претежно од Африка и Азија, кои се обидуваат да ја преминат полската граница со Белорусија. Нив Полска не ги прима. Полската гранична стража моментално поставува ограда од 186 километри на границата со Белорусија.
Надбискупот Гадецки му се заблагодари на Папата што минатиот петок го посвети светот, посебно Русија и Украина, на Безгрешното Срце на Марија, стои во соопштението. Според Гадецки, тој самиот испратил лично писмо до московскиот патријарх Кирил за зајакнување на заедничките напори за праведен мир. Тој, исто така, го информирал Папата за неговата планирана средба со вселенскиот патријарх Вартоломеј I во вторник во Варшава.
Полскиот претседател Анджеј Дуда планира следниот петок да го посети папата Фрањо во Ватикан. Ова во понеделник го соопшти и претседателскиот кабинет во Варшава.
Ватикан њуз/к.мк