Папата се сретна со будистичките монаси

Папата се сретна со будистичките монаси

Вистинската правда и траен мир можат да се постигнат само ако се гарантира за сите луѓе – истакна папата Фрањо за време на средбата со врховниот совет на будистичките монаси „Сангха“, во центарот на градот Јангон.

Вистинската правда и траен мир можат да се постигнат само ако се гарантира за сите луѓе – истакна папата Фрањо за време на средбата со врховниот совет на будистичките монаси „Сангха“, во центарот на градот Јангон, во кој се наоѓа пагодата на Светскиот мир (Каба Аје), еден од најважните будистички храмови во југоисточна Азија.

Во својот говор Светиот Отец зборуваше за врските на пријателство и почитување помеѓу будистите и католиците, како и за заедничкото залагање за мирот, почитувањето на човечкото достоинство и правда за секој маж и за секоја жена. Тоа заедничко сведоштво на верските водачи – рече Папата – е потребно не само во Мјанмар, туку и во целиот свет. Да помогнеме на будистите, католиците и на сите луѓе во напорите околу поголема хармонија во нивните заедници – поттикна папата Фрањо.

Папата рече дека човештвото во секој период поминува низ неправди, конфликти и нееднаквост меѓу народите, а изгледа дека во нашиот период тие потешкотии посебно се изразени. Иако општеството оствари голем технолошки напредок, иако луѓето во целиот свет сѐ повеќе се свесни за својата заедничка хуманост и судбина, и понатаму постојат рани од конфликтите, сиромаштвото и угнетувањето, кои создаваат нови поделби – истакна Папата и продолжи: Соочени со тие предизвици не смееме никогаш да се откажеме. Врз основа на своите духовни традиции знаеме дека постои пат за напредок, пат кој води кон исцелување, меѓусебно разбирање и почитување, пат кој е заснован на сочувствување и љубов.

Светиот Отец потоа го изрази своето почитување кон религиските традиции на будизмот. Благодарение на учењето на Буда и ревното сведоштво на толку монаси и монахињи – продолжи Папата – народот на ова земја е формиран со вредностите на трпеливоста, толеранцијата и почитувањето на животот, како и во духовноста која е внимателна на нашата животна средина, почитувајќи ја многу. Тој истакна дека тие вредности се клучни за целосен развој на општеството. Понатаму, нагласи дека исто така е важно да им се помогне на луѓето да бидат отворени кон трансценденцијата, а со тоа ќе станат свесни дека меѓусебно се поврзани и дека не можат да бидат изолирани едни од други.

Ако сме повикани да бидеме обединети, како што е нашата накана, мораме да ги надминеме сите облици на неразбирање, нетолеранција, предрасуди и омраза. Како ќе го оствариме тоа? – праша Папата, понудувајќи ги како одговор зборовите на Буда кои, како што рече, на секој поединец од нас му нудат патоказ: „Бесот се надминува со не бес; злото со добро; потсмевот со великодушност; лагата со вистина“ (Dhammapada, XVII, 223). Напомена дека слични чувства се изразуваат во познатата молитва која се препишува на свети Фрањо Асишки: „Господи направиме орудие на твојот мир: Каде е омраза, да донесувам љубов! Каде е навредата, да донесувам простување! (…) Каде е темнина да донесам светлина! Каде е жалоста, да донесам радост!“

Папата Фрањо предупреди дека таа мудрост не е само во сферата на верските водачи, туку припадниците на секоја поединечна религија се повикани да учествуваат во надминувањето на конфликтите и неправдите. И иако експлицитно не зборуваше за народот Рохингџа, потсети на тоа дека треба да се загарантира за да се слушне секој глас во Мјанмар за да може јасно да се разберат предизвиците и потребите на сегашното време, и во духот на праведноста и меѓусебната солидарност да може да се соочиме со тие предизвици и потреби. Папата воедно повика на силна соработка и дијалог помеѓу мнозинството будисти и католичкото малцинство во Мјанмар.

Можностите за средба и дијалог на верските водачи се важен фактор во промовирањето на правдата и мирот во Мјанмар – рече Светиот Отец. Таквите средби се клучни ако сакаме да ги продлабочиме нашите меѓусебни разбирања и да ја потврдиме нашата поврзаност и заедничка судбина. Вистинската правда и трајниот мир можат да се постигнат само ако се загарантираат за сите луѓе – рече на крајот Папата.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот