Папата се молеше за свештениците и лекарите кои го даваат својот живот за верниците

Папата се молеше за свештениците и лекарите кои го даваат својот живот за верниците

Во недела 3 мај 2020 година, во неделата на Добриот Пастир, на светата Литургија во домот „Света Марта“ папата Фрањо се молеше за свештениците и лекарите кои својот живот го дадоа грижејќи се за други луѓе, во ова време кое е одбележaно со пандемијата од коронавирусот.

Три недели после Воскресението Христово, Црквата денес, на четвртата воскресна недела, ја слави неделата на Добриот Пастир – рече папата Фрањо за време на светата Литургија, која ја служеше во домот „Света Марта“. Затоа размислувам за многу пастири кои ги дадоа своите животи за верниците, па и во оваа пандемија. Во Италија починаа повеќе од 100 – рече Папата и истакна: Мислам и на другите пастири кои се грижат за доброто на луѓето, посебно за лекарите. Се зборува за лекарите и за она што тие прават, но мораме да бидеме свесни дека само во Италија, за време на својата служба, починаа 154 лекари. Таквиот пример на пастири свештеници и пастири лекари нека ни помогнат да се грижиме за светиот Божји верен народ.

Во проповедта Светиот Отец коментираше за Првото послание на свети Петар во кое се вели дека „преку Неговата рана се исцеливте”: „Зашто бевте како овци изгубени, кои немаат пастир, но сега се обрнавте кон Пастирот и Владиката на вашите души.“ Исус е пастир кој доаѓа да ги спаси залутаните овци – рече Папата и додаде: Денешното Еванглие ни зборува за вратата преку која се влегува во трлото. Сите кои не влегуваат низ таа врата се крадливци и разбојници, тоа се лажни пастири. Во историјата на Црквата имало многу лажни пастири кои го искористувале стадото и кои сакале пари и кариера. Но стадото ги познава и го бара Бог на своите патишта.

Добриот пастир го слуша стадото, го води, се грижи за него, а стадото знае да ги разликува пастирите, не греши, има доверба во добриот пастир, односно во Исус – рече Папата и напомена: Стадото има доверба само во пастирот кој е сличен на Исус, Исусовиот стил мора да биде стил на пастир. Добриот пастир е благ и нежен, го брани, ја има таа нежност на близина, ги познава своите овци по име и се грижи за секоја овца, како да му е една. Добриот пастир, односно Исус секогаш нè придружува на животниот пат. Тоа е идејата на заедницата, нежност, добрина и искреност. Црквата го сака Исус и Тој ја штити Црквата. Оваа недела е убава недела на мир и нежност затоа што добриот пастир се грижи за нас, како што се вели во 22 Псалм: Господ е Пастир мој, ништо нема да ми недостасува – рече на крајот Светиот Отец.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот