Папата: Семејството е најубавата работа која Бог ја создал
Да го штитиме семејството затоа што се работи за нашата иднина – рече Папата на молитвеното бдение на Светската средба на семејствата вечерта на 26 септември во Филаделфија.
Оставајќи го настрана својот подготвен говор спонтано се обрати на собраното мноштво истакнувајќи дека семејството е најубавата работа која Бог ја создал, а без грижата за децата и бабите и дедовците се губи силата и сеќавањето. Општеството расте во силата, добрината, убавината и вистинитоста само ако е изградено врз темелот на семејството – рече Светиот Отец, заблагодарувајќи се на сите кои сведочат дека се исплатува да се биде семејство.
Откако го слушна сведоштвото на повеќе семејства, Папата рече дека Божјата љубов е толку изобилна што не може да биде себична, туку од него прелива. Целата љубов која ја има во себе како и целата убавина и вистинитост Бог ја дава на семејствата. Според зборовите на Светиот Отец, семејството е вистинско семејство кога ги раширува рацете и ја прифаќа целата таа љубов. Но, предупреди и на губењето на Божјата љубов преку гревот.
Малку по малку со ѓаволската лукавост луѓето за жал научиле да се делат. Но, Бог не ги напуштил. Толку голема е неговата љубов што започнал да го следи човештвото, да оди со својот народ, сѐ додека на највисок начин не ја изразил својата љубов во сопствениот Син. А како го испрати својот Син? Преку семејството – нагласи папата Фрањо. Како што рече, на Бог му се допаѓа да чука на вратата на семејствата да ги најде заедно и со желба да бараат друго семејство. Така се создава општество во добрина, вистина и убавина. Семејството е документ на божественото државјанство.
На шега потоа рече дека луѓето понекогаш му се жалат така зборува само затоа што не е оженет и ми велат: Семејството има тешкотии, се караме, а понекогаш летаат чинии. Децата задаваат главоболка, а да не зборувам за свекрвата… Секако – призна Папата – во семејството секогаш има тешкотии, но тие се надминуваат со љубовта. Омразата не може да ги реши тешкотиите, само со љубовта може да се надминат. Денот никогаш не треба да се заврши со кавга, туку треба да се довери на Бог кој охрабрува и штити – препорача Светиот Отец и пред завршниот благослов молеше за заговор на Блажена Дева Марија и свети Јосиф за да помогнат да се поверува дека борбата за семејството се исплатува.
РВ/к.мк/Д.И.