Примајќи ги во аудиенција учесниците на состанокот на папските претставници, кој се одржува на секои три години, папата Фрањо истакна дека нашата планета е погодена од посебно тежок конфликт, како поради кршење на меѓународното право, така и поради сериозни економски и социјални последици.
Поминаа три години од последната средба на папата Фрањо со папските претставници, а светот беше преплавен од настани кои длабоко го потресоа и го променија. Токму на ова се осврна Светиот Отец во својот говор во четврток 8 септември 2022 година, откако им се заблагодари за нивното присуство и покрај бројните тешкотии. Тој потсети на пандемијата Ковид-19 и бројните ограничувања што беа воведени. Изгледаше дека најлошото помина – рече Светиот Отец и истакна дека, сепак, други облаци го замаглуваат сегашното време.
За жал, Европа и целиот свет се потресени од посебно тешка војна, поради кршењето на меѓународното право, поради опасноста од нуклеарна ескалација, како и поради сериозните економски и социјални последици. Станува збор за Трета светска војна „на делови“, за која сте сведоци на местата каде што го извршувате вашето послание – истакна Папата.
Синодалниот пат и Апостолската конституција Praedicate Evangelium
Обраќајќи им се на папските претставници, Светиот Отец ги поттикна да одат напред во својата работа, во денешната Црква и свет и им се заблагодари што во ситуации на страдања ја пренесувааат близината на Папата, останувајќи упориште во моментите на најголема загуба и немир. Потоа ги спомна починатите нунции кои – како што рече – нè поттикнуваат да гледаме напред и кон височините, а потоа се осврна и на размислувањата за обновата низ кој поминува Црквата.
Како Црква сме посветени на синодалниот пат кој сака да направи оваа димензија на синодалност да расте во Божјиот народ. И вие сте вклучени во советувањата – напомена Папата и додаде: Покрај тоа, на повидок е јубилејот 2025 година, за кој се започнати подготовките. Како Римска курија, почнуваме да ја применуваме Апостолската конституција Praedicate Evangelium, создадена низ процес кој трае речиси девет години. Ќе треба време и за да навлезе, така да се каже, во полн режим – истакна папата Фрањо.
Средба во Ватикан ќе трае до 10 септември
Папските претставници ќе бидат заедно во Ватикан до 10 септември, на состанок што се одржува на барање на папата Фрањо, на секои три години. Средбата започна на 7 септември, а тој ден беше посветен на средби со раководителите на канцелариите во Државниот секретаријат и неколку одговорни лица во Римската курија. Денот заврши со средба со Дипломатскиот кор акредитиран при Светиот Престол и свечена Вечерна во Сикстинската капела.
Во петок на дневен ред е работата во групи поделени по континенти. Во сабота, 10 септември, во Домот Света Марта во 07.30 часот папските претставници ќе сослужуваат со Папата, по што ќе продолжат со работата. Средбата ќе заврши напладне, како што соопшти прес-службата на Светиот Престол, со духовна медитација предводена од Апостолскиот нунциј, надбискупот Анџело Ачерби.
Ватикан њуз/к.мк