Работиме заедно на зајакнување на братството и заедништвото: соработката помага да се изгради подобро и помирно општество – напиша папата Фрањо во Твитер пораката на 2 мај 2017 година. Тоа воедно се зборови со кои им се обрати на учесниците на меѓурелигиската средба во Баку, за време на Апостолското патување во Грузија и Азербејџан во октомври минатата година.
Светиот Отец тогаш ја истакна важната улога на религијата која му помага на човекот да согледа дека неговиот центар се наоѓа надвор од него, дека е упатен кон Севишниот и ближниот. Исто така напомена дека религијата му помага на човекот да не ги апсолутизира своите способности и добра од овој свет. Религијата е компас кој нѐ упатува кон доброто, а нѐ одведува од злото – рече Папата. Откако предупреди дека религиите не смеат да се инструментализираат, ниту пак тие самите смеат да поттикнуваат или одобруваат судири, папата Фрањо заклучи: „Во оваа ноќ на судири низ која моментално минуваме, религијата нека биде осврт кон мирот“.
РВ/к.мк