Папата: Порака за единство на христијаните и мир за Либан

Папата: Порака за единство на христијаните и мир за Либан

Папата го опиша своето претстојно патување во Турција и Либан како патување на надеж и мир. Во разговор со новинарите во Кастел Гандолфо во вторник вечерта, 25 ноември 2025 година, тој се осврна и на ситуацијата во Украина и на Блискиот Исток, нагласувајќи ја важноста секогаш да се бара дијалог.

„Многу сум среќен што можам да го посетам Либан“, одговори папата Лео на првото прашање за неговото претстојно патување во Турција и Либан. Тој ја даде изјавата во Кастел Гандолфо во вторник вечерта, 48 часа пред заминувањето за Анкара. Папата поминува еден ден одмор неделно на Албанските ридови; тој обично се враќа во Ватикан во вторник вечерта за да предводи со Геенралната аудиенција во среда.

Порака за мир и надеж

Гледајќи напред кон своето прво Апостолско патување во двете земји од Блискиот Исток, кое ќе го однесе и во Изник по повод 1700-годишнината од Никејскиот собор, Папата нагласи дека ќе пренесе порака за мир и надеж, особено во текот на оваа Света Година. „Со нетрпение очекувам да им посакам добредојде на сите“, додаде тој. Појасни дека патувањето имало за цел да ја прослави годишнината. „Само пред неколку дена објавивме документ кој ја истакнува важноста на единството на верата, кое може да биде и извор на мир за целиот свет. Мораме да сведочиме за ова.“ Потоа Лав XIV се потсети на своите средби со Цариградскиот патријарх Вартоломеј. „Мислам дека ова (обновената средба) ќе биде извонредна можност за промовирање на единството меѓу сите христијани.“

Без разлика дали е на Блискиот Исток или во Украина: оружјето не е решение

Осврнувајќи се на израелското бомбардирање на населбите во Бејрут контролирани од Хезболах, Лав XIV изјави на англиски јазик: „Постои причина за загриженост“. Тој апелираше до сите „да најдат начини да се откажат од употребата на оружје како средство за решавање на проблемите“. Повика на меѓусебно почитување, дијалог и „работа на решенија за проблемите што нè засегаат“. Мораме „да ги охрабриме сите луѓе да бараат мир“ – осврнувајќи се и на Израел и на Хезболах – „да бараат правда, бидејќи насилството често е резултат на неправда“. Од суштинско значење е да се работи заедно за поголемо единство и поголемо почитување – меѓу луѓето и кон сите религии.

Папата Лав XIV, исто така, коментираше за Украина, каде што војната беснее веќе три години, додека се дискутира за мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп. „Мора да почекаме и да видиме. Фала му на Бога што работат на тоа; фала му на Бога“, продолжи Папата, „изгледа дека се приближуваат. Има некои проблеми во дијалогот. Би сакал во секој случај да ги повикам сите на прекин на огнот, бидејќи толку многумина сè уште умираат.“ Дијалогот е неопходен за да се најде решение, потврди Папата.

Нов менталитет за спречување на насилството врз жените

Осврнувајќи се на проблемот со насилството врз жените, Папата нагласи дека напорите за ограничување на овој феномен мора да започнат со едукација на младите луѓе. „Секое човечко суштество заслужува почитување на своето достоинство“. Агресијата често ги погодува младите луѓе, рече Лав XIV, кој повика на прекин на насилството. Мора да се негува поинаков менталитет. „Мора да бидеме мирољубиви луѓе кои ги сакаат сите луѓе“. Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените се одбележува на 25 ноември.

Фала му на Бога

На крајот, Папата одговори на новинарско прашање за тоа како тој, како Американец, би го прославил Денот на благодарноста, кој паѓа за време на неговите патувања. „Има толку многу работи за кои сум благодарен. Би сакал да ги охрабрам сите, особено по повод овој прекрасен празник во Соединетите Американски Држави, кој ги обединува луѓето од различни вери или дури и оние без вера, да му се заблагодарат на некого и да препознаат дека сите ние сме добиле многу дарови, пред сè дарот на животот, дарот на верата и дарот на единството.“ Папата ги охрабри сите да „промовираат мир и хармонија и да му благодарат на Бога“ за она што ни го дал.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот