Во среда на 18 август папата Фрањо упати видео порака во која сите ги повикува на вакцинирање против коронавирусот.
Во силниот апел кој го сними во организација на непрофитната организација „ Ad Council“ и здружението „COVID Collaborative“, Папата вакцинирањето го нарече „чин на љубовта“. Заедно со Светиот Отец, епископите во Северна и Јужна Америка ги повикаа верниците да се вакцинираат против коронавирусот.
Благодарение на Божјата благодат и пожртвуваната работа на многу стручњаци денес имаме вакцина која може да нѐ заштити од Ковид-19, истакнува Папата во видео-порака, додавајќи дека вакцината донесува надеж за завршеток на пандемијата но „само ако биде достапна до сите и ако меѓусебно соработуваме.“
„Вакцинирање со вакцина која ја одобриле стручњаци е чин на љубов. И помагање на ближниот да се вакцинира исто така е чин на љубов – љубов кон себе, љубов кон нашите семејства и пријателите и љубов кон сите луѓе. Општествената и политичката љубов се изградува со мали, индивидуални гестови способни да преобразуваат и да го поддржуваат општеството“, рече Папата.
Вакцинирањето е едноставен, но и длабок начин на грижа за ближните, посебно најранливите, порача Папата и го замоли Господ „секој од нас да го направи тој личен мал гест на љубов“ за подобра иднина.
Со Папата во видеото со апелите се придружува на претседателот на Американската бискупска конференција надбискупот Хозе Гомез, мексиканскиот кардинал Карлос Агуиар Ретес, кардиналот од Хондурас Родригез Марадијага, бразилскиот кардинал Клаудио Хумес и салвадорскиот кардинал Грегорио Роса Чавез. Перуанскиот надбискуп Мигуел Кабрејос тие апели ги резимира во зборовите: „Ние – Северна, Централна, Јужна Америка и Карибите – обединети сме во промовирањето и поддршката за вакцинирање за сите“, поттикнувајќи ја секоја личност да постапи одговорно, како член на големо човечко семејство, во барањето и заштитата на целосното здравје и универзалното вакцинирање.“
Ватикан њуз/к.мк