Папата повика на хуманитарен прекин на огнот во Олешки во телефонски разговор со рускиот претседател
Во телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин, папата Лав XIV изрази „длабока загриженост за тешката хуманитарна состојба во градот Олешки, во Херсонската област“ и повика на прекин на огнот за да се овозможи доставување хуманитарна помош.
Канцеларијата за печат на Светиот Престол во петокот попладне, 16 октомври 2026 година, објави соопштение во кое се наведува дека папата Лав XIV телефонски разговарал со претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин.
„За време на разговорот, Светиот Отец ја изрази својата длабока загриженост за тешката хуманитарна состојба во градот Олешки, во Херсонската област, и повика на прекин на огнот за да се овозможи доставување храна и медицинска помош, како и доброволна и безбедна евакуација на цивилното население“, се наведува во соопштението.
„На крајот, Светиот Отец ја потврди посветеноста на Светиот Престол за промовирање на дијалогот и мирот“, се додава во соопштението.
Папата Лав престојува во болницата „Џемели“ од вторникот, кога беше подложен на операција при која му беше отстранет долниот лобус на десното белодробно крило.
Тој претходно телефонски разговараше со претседателот Путин на 4 јуни 2025 година. Градот Олешки се наоѓа долж линијата на фронтот во делот од Херсонската област под руска окупација, на брегот на реката Днепар.
Кардинал Паролин: Папата презеде иницијатива за опколениот град
Подоцна, на маргините на конференција на Католичкиот универзитет „Свето Срце“, државниот секретар на Светиот Престол, кардинал Пјетро Паролин, изјави: „Светиот Отец презеде иницијатива да се заложи за овој опколен град, каде што на околу 2.000 цивили им се потребни хуманитарни коридори преку кои би можеле да заминат.“
„Папата повика на прекин на огнот за да се овозможи хуманитарната помош, особено храната, да стигне до градот и да се овозможи евакуација на оние што сакаат да заминат“, рече тој.
„Се надевам дека, како одговор на барањето на Светиот Отец, претседателот Путин ќе се согласи да го направи она што го побара Папата“, додаде кардиналот Паролин. „Фактот што го прифати повикот и разговараше со Папата, се надевам, може да биде знак дека барањето на Папата навистина ќе биде исполнето.“
Ватикан њуз/к.мк

