Папата Фрањо упати порака до генералниот директор на ФАО по повод Меѓународниот ден за свеста за губење и фрлање храна, одбележан на 29 септември со резолуција усвоена од Генералното собрание на ОН на крајот на 2019 година
На Меѓународен ден на свеста за губење и фрлање храна, во порака до генералниот директор на ФАО, Ку Донгју, папата Фрањо ја истакнува длабоката нееднаквост во светот меѓу оние кои живеат во изобилство и оние кои сè уште гладуваат. „Губењето на храна значи загуба на луѓе“.
Фрлањето храна е срамно
Во својата порака, папата Фрањо напиша дека користењето на храната несоодветно, трошењето или фрлањето одговара на „културата на фрлање“ и демонстрира „незаинтересираност за она што има основна вредност“:
Помислата дека многу луѓе немаат пристап до соодветна храна или средства да ја добијат – што е основно и приоритетно право на секој човек – храна која се фрла или расипува, поради недостиг на потребни ресурси да стигне до примателите, навистина е срамно и алармантно.
Мора да се слушне крикот на гладните
Папата забележува дека нееднаквостите се зголемуваат и повикувајќи се на податоците во Извештајот за состојбата со безбедноста на храната и исхраната во светот, потсетува дека бројот на луѓе кои немаат доволно храна на планетата „поради многуте кризи со кои „човештвото мора да се справи“, значително се зголеми. Нивниот крик „мора да се слушне во центрите каде се носат одлуките“.
Мораме „да се собереме за да прераспределиме, а не да произведуваме за да се фрла“. Губењето храна значи загуба на луѓе!
Парадоксот на изобилството
Соочени со „парадоксот на изобилството“, кој пред 30 години го осуди Свети Иван Павле II, „целата меѓународна заедница мора да се мобилизира“, напиша папата Фрањо. „Во светот има доволно храна за никој да не заспива со празен стомак!“ и „произведените ресурси на храна се повеќе од доволни за да се нахранат 8 милијарди луѓе“, но гладта не е искоренета. Папа Фрањо навлегува во суштината на проблемот: она што недостасува е социјалната правда или начинот на кој се регулира управувањето со ресурсите и дистрибуцијата на добрата.
Храната не може да биде предмет на шпекулации. Животот зависи од тоа. Скандалозно е што големите производители промовираат принуден консумеризам за збогатување без воопшто да ги земат предвид реалните потреби на луѓето. Мора да се прекине со шпекулациите за храна! Мора да престанеме да ја третираме храната, која е основно добро за сите, како предмет за пазарање на малкумина.
Да се запре алчната експлоатација на Земјата
Папата Фрањо предупредува дека мора да се престане со „алчната експлоатација на Земјата и нашето уништување на неа поради „нашите потрошувачки ексцеси“. Според него, фрлањето или загубата на храна придонесува „за зголемување на емисиите на стакленички гасови, а со тоа и за климатските промени и нивните штетни ефекти“. Папата потсетува дека „посебно младите сакаат да ги изостриме очите и да ги прошириме нашите срца, да се грижиме за заедничкиот дом, кој произлегува од Божјите раце“:
Не можеме да се задоволиме со реторика за ова многу важно прашање и со декларации кои потоа не се спроведуваат поради заборав, подлост или алчност. Време е да се дејствува итно и за општо добро. Итно е и државите и големите мултинационални компании, здруженија и поединци – сите без исклучок – да одговорат ефективно и искрено на страшниот крик на гладните за правда.
Зависи од сите нас „свесно и одговорно да го ориентираме својот начин на живот“ за никој да не остане без храната што му е потребна и од која зависи неговиот опстанок, заврши папата Фрањо.