Не плашете се да го слушате Духот кој ви предлага храбри избори – порача папата Фрањо на младите во писмото по повод објавениот документ подготвен за епископската синода на тема: „Младите, верата и расудување за звањата,“ која треба да се одржи во октомври 2018 година.
Папата им рече на младите дека на нив се упатени зборовите кои Бог ги упатил на Авраам: „Излези од земјата своја, и од родот свој, и од домот на татка си, па појди во земјата, што ќе ти ја покажам Јас!“ (1Мој 12, 1). Тoa се зборови на Отецот кои ги повикува да „појдат“, да се упатaт кон непознатата иднина која сигурно ќе ги доведе до исполнување. „Ве повикувам да го слушнете Божјиот глас кој одекнува во вашето срце преку светиот Дух“, стои во пораката.
„Кога Бог му рекол на Авраам „појди!“ што сакал со тоа да му каже?“, праша Светиот Отец. „Сигурно не му кажал да се раздели од своето семејство или да се повлече од светот. Авраам примил огромен повик, предизвик да напушти сѐ и да се упати во нова земја. А што е таа „нова земја“ за нас денес ако не поправедно и братско општество за кое вие младите длабоко копнеете и кое сакате да го изградите сѐ до крајот на земјата?“
Папата истакна дека ова „појди“ за жал има и едно друго значање: злоупотреба на моќта, неправда и војна. Многу млади „се изложени на вистински закани на насилство“ и присилени се да побегнат од своите домови, но „крикот на тие млади допре до Бог како и оној крик на Израелците кога фараонот ги поробил и угнетувал (2Мој 2, 23).
„Исус те гледа и те повикува да појдеш со Него,“ порача Светиот Отец на младите и продолжи: „Сигурен сум дека и покрај вревата и збунетоста кои наизглед преовладуваат во нашиот свет, тој (Господов) повик продолжува да одекнува во длабочината на вашето срце за да се отворите за полнотата на радоста.“
За папата Фрањо од клучна важност е расудувањето, „исто така во придружба на стручните водачи“ за младите да го откријат Божјиот план за својот живот. „Дури и кога вашето патување ви изгледа неизвесно и паднете – рече Папата – Бог богат со милосрдие ќе ја пружи својата рака за да ве подигне.“
Светиот Отец потоа се присети кога младите на неговото прашање „можеме ли да ги промениме работите?“ воскликнаа: „Да!“ „Тој восклик од вашите младешки срца нагласува дека „не толерираат неправда и кои не можат да се поклонат пред „културата на отфрлање“, ниту да попуштат пред „глобализацијата на рамнодушноста.“ Послушајте го крикот што доаѓа од вашата внатрешност. Дури и кога како пророкот Јеремија го чувствувате неискуството на младоста, Бог ве поттикнува да појдете таму каде ве испраќа: „Не се плаши од нив; зашто Јас сум со тебе, за да те избавам“ (Јеремија 1, 8) – рече папата Фрањо.
Папата смета дека не треба да се плашат да го послушаат Духот Кој им предлага храбри избори и им рече да не одложуваат „кога совеста ги повикува да ризикуваат за да го наследуваат Учителот.“ Папата рече дека Црквата исто така сака да ги слушне нивните сомнежи и критики. „Направете вашиот глас да се слушне, нека одекнува во заедницата и нека го слушнат вашите пастири“ и на крајот од својата порака потсетува дека „свети Бенедикт ги повикал опатите пред секоја важна одлука да се посоветуваат и со младите затоа што „Господ често на младите им го открива она што е најдобро.“
РВ/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк