Папата: Неделната света Литургија треба да ги формира католиците за правилно богослужение
Папата Лав XIV ги охрабри свештениците да ги почитуваат литургиските норми при славењето на светата Литургија, во порака до учесниците на средба организирана од Ватикан во американската сојузна држава Орегон.
Кардинали, бискупи, свештеници и лаици се собраа во американската сојузна држава Орегон, а по тој повод папата Лав XIV во петок испрати порака во која ја нагласи важноста од правилното славење на литургиските обреди.
Средбата се одржува од 14 до 19 август во бенедиктинската опатија „Маунт Ејнџел“, а ја организира Дикастеријата за богослужба и дисциплина на светите Тајни.
Во својата порака до кардиналот Артур Рош, префект на Дикастеријата, папата Лав XIV ја изрази својата поддршка за иницијативата, чија цел е да се разгледа „важната тема за литургиското формирање на Божјиот народ“.
Средбата се одржува како одговор на апостолското писмо на папата Фрањо Desiderio desideravi, во кое се истражуваат убавината, теолошката длабочина и духовното значење на литургијата.
Според соопштението на Дикастеријата, на настанот присуствуваат католици од различни средини, за заеднички да размислуваат со цел да се „дефинираат заеднички, конкретни и практични предлози“.
Изборот на монашка заедница ја покажува „намерата за влегување во дијалог во молитвена средина“, со поголем акцент на духовното расудување отколку на академското истражување, се наведува во соопштението.
Папата Лав XIV истакна дека Desiderio desideravi повикува на постојано формирање на свештенството и лаиците, за да се оживее литургискиот живот на Црквата.
Наместо да се формира само специјализирана група литургиски експерти, литургиското образование треба да стане „внатрешна расположливост на целиот Божји народ“, рече Папата, цитирајќи го апостолското писмо.
Неделната Евхаристија како школа на верата
Папата Лав XIV нагласи дека неделната Евхаристија е најчестата и најпрактичната можност за литургиска формација.
„Овие славења се вкоренети во годишниот ритам на литургиската година, со Пасхалното таинство во нејзиното средиште“, рече тој.
„Токму затоа е важно тие да бидат добро формирани, промовирајќи уште поголемо разбирање на ars celebrandi, изразено не само од оној што ја предводи литургијата, туку и од целото собрание.“
Преку неделната света Литургија, додаде Папата, католиците се формираат „и за литургијата и преку литургијата“.
Верност кон одобрените текстови и упатства
Папата Лав XIV се осврна и на својата неодамнешна серија катехези од Генералните аудиенции во среда, посветени на конституцијата на Вториот ватикански собор за светата Литургија, Sacrosanctum Concilium.
„За да го промовираме достоинственото славење на Светите Тајни, мора да ја нагласиме потребата од верност кон одобрените текстови и упатства“, рече Папата.
Тој истакна дека неговата катехеза ги повикува сите што се задолжени за подготовка на славењето на божествените Тајни, особено свештениците, да покажуваат почит кон обредите што се воведени во времето на папата свети Павле VI и папата свети Иван Павле II.
„Од суштинско значење е ова почитување да произлегува од внатрешен став на отвореност и доверба во Бога, покажувајќи понизност пред Неговата величина и искрена верност кон црковната заедница“, рече папата Лав XIV.
На крајот, Светиот Отец ја довери литургиската средба во Орегон на застапништвото на Марија, Престол на Мудроста, и се помоли учесниците да бидат водени во своето духовно расудување за светата Литургија на Црквата.
Ватикан њуз/к.мк

