Небото и земјата ќе преминат, но зборовите Мои нема да преминат!
Конечната средба со Господ е целта на народите и поединците – рече папата Фрањо пред молитва Ангел Господов на плоштадот Свети Петар во Ватикан на 18 ноември 2018 година и истакна: Историјата на човештвото како и личната историја на секој од нас не може да биде сфатена како едноставна секвенца на зборови и дела кои немаат смисла, ниту може да биде толкувана во светло само на набљудување на фактите како веќе сè да е преодредено, спречувајќи ги на тој начин изборите кои се плод на вистинските одлуки.
Осврнувајќи се на Евангелието од денешната Литургија, Папата нагласи: Не е на прво место говорот за крајот на светот, туку повикот добро да се живее сегашноста и да бидеме секогаш подготвени за моментот кога ќе бидеме повикани да дадеме сметка за својот живот. Се зборува за деновите во кои сонцето ќе потемни и месечината нема да ја дава својата светлина. Светлото кое во последниот ден ќе свети ќе биде Господ Исус Кој ќе дојде во славата и на таа средба конечно ќе го видиме Неговото лице кое блеска од љубов и пред Кој во потполна вистина ќе се појави секое човечко битие.
Не се знае времето, ниту начинот кога тоа ќе се случи, но го знаеме основното начело со кое треба да се бориме: „Небото и земјата ќе преминат, но зборовите Мои нема да преминат“ – рече Светиот Отец и продолжи: На тој ден секој од нас мора да сфати дали Словото на Синот Божји го просветлувал неговиот личен живот или му свртел грб доверувајќи се на своите зборови. Лукавоста и парите нема да користат, ќе го донесеме само она што сме го дарувале. Тоа ќе биде момент на препуштање на љубовта на Отецот.
Никој не може да побегне од тој момент. Лукавоста која често ја користиме за себе да си дадеме впечатокот кој го сакаме, нема да користи. Моќта на парите и средствата со кои горделиво сме настојувале да купиме сè и секого нема повеќе да можат да ни користат. Со себе ќе го понесеме само она што сме го оствариле во животот верувајќи во Словото Божјо и само она што сме го дарувале – заврши папата Фрањо.
По пладневната молитва Светиот Отец потсети на Светскиот ден на сиромашните по повод кој служеше Света Литургија во базиликата Свети Петар и учествуваше на ручекот со сиромашните, и истакна дека тој ден на близина на христијанските заедница со сиромашните вклучува сѐ повеќе парохии, здруженија и црковни движења и сака да биде поттик за да станеме во општеството средства на милосрдието.
На крајот папата Фрањо упати апел за Централноафриканската Република каде пред два дена во логорот за раселени лица се случи масакр во кој се убиени и двајца свештеници. Во својата молитва Папата се присети на сите оние кои настрадаа во пожарите во Калифонија како и на жртвите од снежната бура на источниот брег на САД.
Ватикан њуз/к.мк