Папата на благословот Урби ет Орби: Не на егоизмот и поделбите, ова е време на солидарност
Рамнодушноста, себичноста, поделбата, заборавањето не се зборови за ова време. Би сакале да ги отфрлиме за сите времиња! Тие преовладуваат кога во нас победува стравот и смртта, односно кога не дозволуваме да победи во нашето срце и во животот, Господ Исус.
Денес во целиот свет одекнува навестувањето на Црквата: „Исус Христос воскресна!“ – рече папата Фрањо по повод традиционалниот благослов „Урби ет орби“ кој прв пат во историјата го упати по светата Литургија во базиликата Свети Петар. Таа Радосна вест засветли како нов пламен во темнината на светот кој се соочува со епохални предизвици притиснат од пандемијата која многу го искушува нашето големо човечко семејство – рече Папата и истакна: Христос мојата надеж, воскресна! Таа Радосна вест е зараза на надежта. Станува збор за победа на љубовта над коренот на злото, победа која не преминува преку трпењето и смртта, туку поминува низ нив, претворајќи го злото во добро, покажувајќи ја изворедната Божја моќ.
Денес посебно мислам на оние кои директно се погодени од коронавирусот; на болните, на оние кои починаа и на роднините кои плачат заради загубата на своите мили со кои можеби не се ниту простиле – рече Светиот Отец и продолжи: Нека Господарот на животот во своето Царство ги прими покојните, а оние кои и понатаму се искушувани, посебно старите и осамените луѓе, нека им подари утеха и надеж. Нека својата утеха и потребната помош не им ја скрати на оние кои се наоѓаат во посебно тешки услови, како и оние кои работат во дом за стари лица или живеат во касарните и затворите.
Овој Велигден е осаменост за многумина кои го доживуваат во жалост и со многу тешкотии кои ги предизвикува пандемијата, од телесно страдање до финансиски проблеми – рече папата Фрањо и додаде: Таа болест нè лиши од утехата која произлегува од светата Тајна Евхаристија и Помирувањето, затоа што во многу земји не било можно да се учествува на нив, но Господ нè не остави сами. Нека воскреснатиот Исус даде сила и надеж на лекарите и медицинските сестри и болничарите кои насекаде ја сведочат грижата и љубовта за ближниот, па и до исцрпеност, а неретко и со жртвата на сопственото здравје.
Со љубов и благодарност да мислиме на нив, како и на оние како полицијата војската, кои работат за да ги обезбедат основните услуги за граѓанскиот живот – рече Папата и поттикна: Нека сите оние кои имаат политичка одговорност активно работат за општото добро на граѓаните, обезбедувајќи ги средствата кои се потребни, за да им се овозможи на сите достоинствен живот и кога тоа околностите ќе го дозволат, повторно воспоставување на вообичаените секојдневни активности.
Ова не е време на рамнодушност, бидејќи целиот свет трпи и мора да биде обединет во соочување со пандемијата – рече Светиот Отец и продолжи: Нека воскреснатиот Исус на сите сиромашни, на оние кои живеат на перифериите, на прогонетите, бегалците и бездомниците, им дарува надеж. Нека тие наши најслаби браќа не бидат оставени сами. Нека со оглед на околностите се ублажат меѓународните санкции кои ги спречуваат поединечни земји на своите граѓани да им ја обезбедат соодветната поддршка и нека на сите држави им се овозможи посебно на оние најсиромашните да се соочат со најголемите потреби на ова време, намалувајќи им го ако не и простувајќи им го долгот кој ги притиска нивните буџети.
Ова не е време на себичност, бидејќи предизвикот со кој се сочуваме сите нас нè обединува и не прави разлика помеѓу луѓето – рече папата Фрањо и истакна: Меѓу многуте делови во светот кои се погодени од коронавирусот посебно мислам на Европа. По Втората светска војна тој сакан континент можеше да воскресне благодарение на конкретниот дух на солидарност кој му овозможи да го надмине натпреварувањето од минатото. Најитно е, посебно во денешните околности тоа ривалство повторно да не настапи, туку сите да се препознаат како дел од едно семејство и меѓусебно да си помагаат.
Европската унија денес се соочува со епохален предизвик од кој ќе зависи не само нејзината иднина, туку и иднината на целиот свет – рече Папата и поттикна: Не ја пропуштајте приликата и понатаму да искажувате солидарност, па прифаќајќи и иновативни решенија. Алтернатива е само себичноста на поединечните интереси и искушението на враќање во минатото со ризикот за тешки искушенија во мирен соживот и развој на идните генерации. Ова не е време на поделби. Нека Христос ги просветли оние кои имаат одговорност во конфликтите, за да го прифатат апелот за општото и итно примирие во сите делови на светот.
Ова не е време за продолжување на производството и трговијата со оружје, трошејќи огромни средства кои би требало да се користат за лекување на луѓето и за спасување животи – напомена Светиот Отец и рече: Нека тоа биде време за конечно ставање крај на војната и конфликтот во Сирија, во Јемен, Ирак и Либанон; време во кое Евреите и Палестинците ќе продолжат со дијалогот, за да пронајдат трајно решение кое ќе им овозможи да живеат во мир. Нека престане страдањето на населението кое живее во источна Украина. Нека се запрат терористичките напади кои во некои африкански земји се извршени над многу невини луѓе.
Ова не е време на заборавање – истакна папата Фрањо и поттикна: Нека кризата не ни дозволи да заборавиме на многу други во вонредна ситуација кои со себе го носат страдањето на многу луѓе. Нека Господарот на животот биде блиску до населението во Азија и Африка, а особено со она на северот на Мозамбик кое поминува низ голема хуманитарна криза, а тоа пак поминувајќи го Медитеранот доаѓа сè до Латинска Америка. Нека Господ го загрее срцето на многу бегалци и луѓето раселени заради војни, суша и глад; нека дарува заштита на многу мигранти и бегалци од кои многу се деца кои живеат во неподносливи услови, посебно во Либија и на границата помеѓу Турција и Грција и на Лезбос; нека помогне на Венецуела да постигне конкретни и итни решенија кои се насочени на меѓународната помош на населението кое трпи заради големите политички, општествено-економски и здравствени ситуации.
Рамнодушноста, себичноста, поделбата, заборавањето не се зборови за ова време. Би сакале да ги отфрлиме за сите времиња! Тие преовладуваат кога во нас победува стравот и смртта, односно кога не дозволуваме да победи во нашето срце и во животот, Господ Исус. Он Кој веќе ја победи смртта, отворајќи ни го патот за вечното спасение, нека ја протера темнината на нашето сиромашно човештво и нека нè воведе во својата слава која нема крај. Со тие мисли на сите им посакувам среќен Велигден! – заврши Папата и на сите кои го следеа преку социјалните медиуми со потполниот опрост им подели благослов „Urbi et Orbi“.
Ватикан њуз/к.мк