Папата на аудиенција: Дури и во најтемниот момент, секогаш е можно да се љуби и да се простува

Папата на аудиенција: Дури и во најтемниот момент, секогаш е можно да се љуби и да се простува

За време на Генералната аудиенција, папата Лав XIV им укажа на верниците како Христовата љубов, иако предадена, не дозволува злото да го има последниот збор и „дека секогаш постои пат да се продолжи да се љуби, дури и кога сè изгледа непоправливо компромитирано“.

„Да молиме денес за милоста да умееме да простуваме, дури и кога не се чувствуваме разбрани, дури и кога чувствуваме дека сме напуштени.“

Папата Лав XIV ја упати оваа препорака за време на Генералната аудиенција, во среда наутро, 20 август 2025 година – неговиот прв јавен настан во Ватикан по враќањето од Кастел Гандолфо во вторник навечер.

Поради силната римска жештина, аудиенцијата се одржа во салата Павле VI во Ватикан.

Господовата љубов, која простува

Продолжувајќи ја серијата катехези на темата за Јубилејот „Христос, нашата надеж“, Светиот Отец оваа среда се задржа на размислување за Исусовите страдања, смрт и воскресение, посебно нагласувајќи ја Господовата љубов, која простува и како Христос, и покрај предавството, ги љуби Своите ученици „до крај“.

Папата Лав се задржа на еден „впечатлив и светол гест“ во Евангелието, во кој Исус, за време на Последната вечера, му нуди залак на оној што ќе Го предаде.

„Тоа не е гест на едноставно споделување“, рече Папата, „тоа е многу повеќе – тоа е последен обид да не се откаже“.

„Да се љуби до крај – еве го тука“, продолжи папата Лав, „клучот за разбирање на Христовото срце. Љубов која не престанува и кога е отфрлена, разочарана, па дури и неблагодарна.“

Исус го избира моментот на предавството

„Исус го познава времето, но не му се потчинува: Тој го избира. Тој е Оној што го препознава мигот во кој Неговата љубов мора да помине низ најдлабоката рана – раната на предавството. И наместо да се повлече, да осуди, да се брани… Тој продолжува да љуби: ги мие нозете, го натопува лебот и го нуди. „На кого Јас ќе му натопам залак и подадам.’“ (Иван 13,26)

Со овој едноставен и скромен гест, папата Лав истакна: „Исус ја води Својата љубов напред до нејзините најголеми длабочини, не затоа што не знае што се случува, туку токму затоа што јасно го гледа тоа“.

„Тој знае дека слободата на другиот, дури и кога е изгубен во злото, може да се допре преку светлината на кроткиот гест. Вистинското простување не очекува претходно покајание – тоа се дарува најнапред, како бесплатен дар, дури и пред да биде прифатено.“

Простувањето открива надеж

За жал, Јуда, забележа папата Лав, не разбира и „по залакот – вели Евангелието – ‘Сатаната влезе во него’“.

„Овој пасус нè погодува“, рече Папата, „како злото, сокриено дотогаш, да се открило токму во моментот кога љубовта го покажала своето најнеодбранливо лице. И токму поради ова, браќа и сестри, тој залак е наше спасение: затоа што ни открива дека Бог прави сè – апсолутно сè – за да нè допре, дури и тогаш кога Го одбиваме.“

Светиот Отец нагласи дека токму тука простувањето ја открива својата сила и го покажува вистинското лице на надежта. „Тоа не е заборав, тоа не е слабост – тоа е сила која го ослободува другиот додека љуби до крај.“

„Христовата љубов“, продолжи Папата, „ја гледа болката, но не дозволува злото да го има последниот збор.“

Секогаш постои пат за љубов

„Ова е тајната што Исус ја живее за нас“, рече Светиот Отец, „и во која и ние, понекогаш, сме повикани да учествуваме.“

„Колку односи се раскинати, колку приказни остануваат недовршени, колку зборови остануваат неизговорени“, размислуваше Папата, додавајќи: „А сепак, Евангелието ни покажува дека секогаш постои пат да се продолжи да се љуби, дури и кога сè изгледа непоправливо компромитирано.“

Да се прости, рече Папата, значи да се прекине кругот на злото и да се спречи неговото растење. „Тоа значи да се направи сè што е можно за огорченоста да не ја обликува иднината.“

Справување со искушението со Господ

„Драги браќа и сестри, и ние доживуваме болни и тешки ноќи“, рече Папата, објаснувајќи дека тоа се „ноќи на душата, ноќи на разочарување, ноќи во кои некој нè повредил или нè предал“. Во тие мигови, искушението е да се затвориме во себе, да се заштитиме, да возвратиме.

„Господ“, рече Светиот Отец, „ни покажува дека за надежта секогаш постои друг пат. Тој нè учи дека може да се понуди залак дури и на оној што ни го свртува грбот; дека може да се одговори со доверливо молчење; дека можеме да одиме напред со достоинство, без да се напушти љубовта.“

Затоа, Папата ги повика верниците да го молат Господ за дарот на простувањето, дури и кога се чувствуваат напуштени или погрешно разбрани, бидејќи токму тогаш љубовта ја достигнува својата полнота.

„Како што нè учи Исус“, заклучи папата Лав, „да се љуби значи да се остави другиот слободен – дури и да тргне на патот на предавството – без да се изгуби вербата дека таа слобода, иако ранета, може да биде спасена и вратена во светлината на добрината.“

Исус открива дека секое предавство може да стане можност за спасение

„Кога простувањето успева да продре во најдлабоките пукнатини на срцето“, рече Папата, „сфаќаме дека таа никогаш не е залудна.“

„Дури и кога другиот не ја прифаќа, дури и кога изгледа бесполезно“, додаде папата Лав, „простувањето го ослободува оној што простува: ја растерува огорченоста, го обновува мирот и нè враќа на самите себе.“

Папата Лав XIV заврши: „Исус, со едноставниот гест на нудење леб, открива дека секое предавство може да стане можност за спасение, кога ќе се избере простувањето како можност за уште поголема љубов.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот