Во пладневниот говор за време на молитвата Ангел Господов на 23 декември 2018 година папата Фрањо истакна дека Литургијата на денешната четврта недела од адвентот, во прв план го става ликот на Марија.
Да погледнеме на Марија, пример за вера и љубов, нејзината посета на постарата роднина Елисавета нѐ подготвува добро да го доживееме Божиќ; Божиќ кој е ‘екстровертно“ свртен кон луѓето – рече Папата толкувајќи го Евангелието од денешната Литургија, кое зборува за посетата на Марија на нејзината роднина Елисавета. При тоа објасни дека Светиот Дух ја придвижува Девицата на вера и љубов и ја поттикнува да побрза да биде на услуга на нејзината постара роднина.
Средба на две бремени мајки
Папата во говорот ја опиша средбата на двете мајки кои очекуваат раѓање на дете. Елисавета веднаш ја фали верата на Марија: „И блажена е таа, која поверува, зашто ќе се исполни она, што ѝ рекол Господ.” Очигледна е разликата помеѓу Марија која имала вера и Захарија, мажот на Елисавета, кој се сомневал и не верувал во ветувањето на ангелот. Поради тоа бил нем до раѓањето на Иван.
Средбата со Бог е плод на вера
Тој настан ни помага во посебно светло да го толкуваме таинството на средбата на човекот со Бог – напомена папата Фрањо. Таа средба не е во знак на посебни чуда, туку многу повеќе е во знак на вера и љубов. Марија имено, е блажена затоа што поверува; средбата со Бог е плод на верата. Напротив, Захрија, кој се сомневал и не верувал, останува глув и нем, зошто? За да расте во верата за време на долгото молчење – објасни Папата.
Без вера недостасува силата за оние кои страдаат
Како и Захрија, човекот без вера неизбежно е глув на утешителниот глас Божји, неспособен да каже зборови на утеха и надеж за нашите браќа – истакна Папата и додаде: Тоа го гледаме секој ден, луѓето кои немаат вера, или чија вера е многу слаба, кои немаат сила, кога мора да се приближат до некои луѓе кои многу страдаат, зборуваат пригодни зборови, но не успеваат да допрат до срцата на луѓето кои немаат сила, затоа што немаат вера. А ако нема вера, нема и зборови кои допираат до срцата на другите луѓе.
Верата се храни од љубовта
Верата се храни од љубовта – напомена Папата и додаде: Евангелистот ни зборува како Марија стана и побрза, бргу, грижливо, но не и возбудено. Можела да остане дома, како би се подготвила за раѓањето на својот син; но таа најпрво се грижи за другите, не толку за себе, покажувајќи веќе со дела дека е ученичка на Господ, која го носи во утробата. Настанот на Раѓањето Христово на тој начин започнува со едноставен гест на милосрдие; меѓу другото, вистинското милосрдие секогаш е плод на Божјата љубов – истакна Светиот Отец.
Во центарот треба да бидат нашите браќа, а не нашето ‘Јас’.
Напоменувајќи потоа дека Евангелието од денешната Литургија нѐ подготвува добро да го доживееме Божиќ, пренесувајќи динамизам на верата и љубовта, Папата истакна дека тој динамизам е дело на Светиот Дух.; Духот на Љубовта, кој ја оплоди девствената утроба на Марија и ја поттикна да побрза да биде на услуга на нејзината постара роднина. Нека Дева Марија посредува милост за нас за да доживееме ‘екстровертен’ Божиќ свртен кон луѓето, во чие средиште не е нашето ‘јас’, туку Исусовото ‘Ти’ и ‘ти’ на нашите браќа, посебно на оние на кои им е потребна помош. Тогаш ќе оставие простор на Љубовта, која сака да стане тело и да пребива меѓу нас – рече на крајот папата Фрањо
Ватикан њуз/к.мк