Во катехезата на Генералната аудиенција на 17 мај 2023 година, папата Фрањо зборуваше за свети Фрањо Ксаверски, неговата апостолска ревност и желба да го направи познат Исус во најдалечните и најнепознатите земји, како што е Кина. Светиот Отец ги поттикна младите да погледнат во хоризонтот на светот, да погледнат во народите кои имаат толку многу потреби, на бројните луѓе кои страдаат, на кои им треба Исус
Христовата љубов беше силата што го тераше до најдалечните граници, со постојани неволји и опасности, надминувајќи ги неуспесите и обесхрабрувањата; уште повеќе, давајќи му утеха и радост да го следи Христа и да му служи до крај.
Тоа го одбележа животот на свети Фрањо Ксавиер, пример на апостолска ревност, кој папата Фрањо го избра за тринаесеттата катехеза на Генералната аудиенција, во серијата катехези со наслов „Ревноста за евангелизација“, надевајќи се дека денес ќе може да пренесе малку од тој жар. така што, посебно младите, ќе го живеат и го навестуваат Евангелието, бидејќи тие посебно – како што рече – чувствуваат немир и не знаат што да прават со него.
Погледнете го Фрањо Ксаверски, погледнете го хоризонтот на светот, погледнете ги народите во многу голема потреба, погледнете во бројните луѓе кои страдаат, толку многу луѓе на кои им треба Исус. И одете, бидете храбри. И денес има храбри млади луѓе. Мислам на многубројните мисионери, на пример во Папуа Нова Гвинеја, мислам на моите пријатели, младите во бискупијата Ванимо и сите оние кои отидоа… како млади луѓе, да евангелизираат во редот на Фрањо Ксаверски. Нека Господ на сите им подари радоста за евангелизација, радост за ширењето на таа убава порака која нас, и сите, ги прави среќни.
Скриени мисионери
Свети Фрањо Ксаверски се смета за најголемиот мисионер на модерната ера и е светец-заштитник на мисиите, но – истакна папата Фрањо – не може да се каже кој е најголем, а кој најмал, бидејќи има многу скриени мисионери кои денес прават многу повеќе и од него.
Мисионерот е голем кога оди, а има многу, многу свештеници, лаици и монахињи кои одат во мисии. (…) Гледам, на пример, кога пристигнува биографијата на некој свештеник, кандидат за бискуп: тој поминал десет години во мисија на одредено место… тоа е голема работа: да ја напушти својата татковина за да го проповеда Евангелието. Тоа е апостолска ревност. И токму тоа треба многу да го негуваме. Да учиме гледајќи ги овие мажи и жени.
Пресвртна точка во животот на Фрањо Ксаверски – средбата со Игнатиј Лојолски
Накратко спомнувајќи го животот на тој шпански светец, папата Фрањо истакна дека како интелигентен, добар, световен млад човек отишол да учи во Париз и таму го запознал Игнатиј Лојолски. Неговите духовни вежби му го промениле животот. Тој се откажа од целата своја световна кариера за да стане мисионер. Станал Исусовец, се заветил, станал свештеник и отидел да евангелизира, бил испратен на Исток.
Така, на пат тргнува со првата од бројните дружини мисионери, воодушевени мисионери на модерното време, подготвени да издржат огромни напори и опасности, да одат во региони и да запознаваат народи со сосема непознати култури и јазици, мотивирани само од многу силна желба да им овозможат на другите да го запознаат Исус Христос и неговото Евангелие.
Фрањо Ксаверски многу патува, се соочува со тешки патувања на море. Патувањата со брод во тие денови биле многу макотрпни и опасни – истакна Папата. Многумина загинале на пат поради бродоломи или болести. Денес, за жал, – додаде тој – многумина умираат затоа што ние ги пуштаме да умрат во Средоземното Море.
Потоа потсети на почетокот на мисијата на Фрањо Ксаверски, како млад Исусовец, во Гоа и на евангелизацијата на рибарите на јужниот брег на Индија. Ги катехизирал децата и ги учел на молитви, ги крштевал и се грижел за болните, а една ноќ, молејќи се на гробот на апостолот Свети Вартоломеј, почувствува дека мора да оди подалеку од Индија. Така, оставајќи ја веќе започнатата работа во добри раце, храбро отплови кон Молучките острови.
За овие луѓе не постоеја хоризонти, одеа понатаму… Тие свети мисионери имаа голема храброст! И овие денешниве, исто така, не патуваат со брод три месеци, патуваат со авион 24 часа, но таму пак е исто. Таму треба да поминат многу километри, да се провлекуваат низ шумите…
На најоддалечените острови на индонезискиот архипелаг, Фрањо Ксаверски за две години активност основал неколку христијански заедници, го превел катехизмот на локалниот јазик и ги научил да пееат. Мисионерското искуство го навело да напише дека опасностите и страдањата, доколку се прифатат доброволно и исклучиво од љубов и служење на Бога, се богати ризници на голема духовна утеха – истакна Папата.
Таму каде сè уште не бил ниту еден европски мисионер
Мисијата на Фрањо Ксаверски, кој го почувствува немирот на апостолите да продолжи понатаму, потоа продолжи во Јапонија, земја во која се уште не стапнал ниту еден европски мисионер – рече Светиот Отец и опиша три многу тешки години, поради климата, противењето и непознавање на јазикот, кој светителот го поминал во таа земја. Но и таму посеаното семе давало голем плод.
Меѓутоа, големиот сонувач, Фрањо Ксаверски, во Јапонија сфатил дека одлучувачка земја за мисиите во Азија е Кина, која со својата култура, со својата историја, со својата големина всушност имала превласт над тој дел од светот. Кина и денес е токму културниот пол, со голема, убава историја – додаде Светиот Отец.
Тој Исусовец мисионер на тој начин го започнува своето ново патување, но умира на малиот остров Санчијан, залудно чекајќи да пристигне на копното во близина на Кантон. Беше 3 декември 1552 година, имаше 46 години. Својот живот го потроши ревно за мисиите; ја напушти културната Шпанија и пристигнал во најкултурната земја на светот во тоа време, Кина, и умре пред големата Кина, во придружба на Кинези. Сето тоа е знак – рече Папата.
Неговата многу интензивна работа секогаш била комбинирана со молитва, мистично и контемплативно соединување со Бога. Тој не бил аристократски мисионер; секогаш одеше со најпотребните, со децата на кои им требаше образование, катехези, со сиромашните и болните – нагласи папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк