Папата: Милосрдието е двигател на општествените промени, а не филантропијата

Папата: Милосрдието е двигател на општествените промени, а не филантропијата

Примајќи ги во аудиенција членовите на Каритас од шпанскиот град Толедо, папата Фрањо ги потсети на принципите на милосрдието и правдата со цел да се поттикне „побратската свест“ во општеството.

Да се ​​оди подалеку од конкретното добро за да се промени општеството одвнатре – ова е предизвикот што папата Фрањо им го упати на околу стотина членови на бискупскиот Каритас од Толедо, Шпанија, кои во четврток 5 декември 2024 година, ги прими во аудиенција. Поводот на средбата е 60-годишнината од активностите на оваа каритативна организација, основана на 2 јуни 1964 година.

Трансформирање на општеството

Во својот говор на шпански, Папата изрази благодарност за службата на милосрдие и објасни дека ангажирањето за милосрдие оди подалеку од конкретното добро што може да се направи на една личност, прифаќајќи го предизвикот да се биде иницијатор на промени во општеството со ширење на духот на милосрдието и правдата. Целта е да се разбуди, во сите кои имаат добра волја, побратска свест која понекогаш заспива или не расте.

Милосрдието како средство за евангелизација

На овој начин – додаде папата Фрањо – го избегнуваме ризикот да бидеме само пример за граѓански разум и човекољубие за да станеме нешто што има поголема вредност, односно средство за евангелизација. Ова е можно преку универзалниот јазик, јазикот на милоста:

На делата на милосрдието не им треба преведувач…

На делата на милосрдието не им треба преведувач, нема речник кој би ги превел – истакна Папата. Тоа е универзален јазик, разбирлив за секого, напишан со сведоштво и ангажирање на сите вработени во Каритас, посветени на Исус Христос и неговото Евангелие.

Соработка и синодалност

Целта е висока – истакна Папата – и бара мајсторска работа од секого, заснована на човечка и духовна формација која ни овозможува солидарно да гледаме на социјалните проблеми, следејќи ги каректеристиките на социјалната наука на Црквата и дејствувајќи во духот на соработка и синодалност со сите бискупски пасторални реалности.

Мудроста доаѓа и од слушањето на оние кои се во потреба

На крајот, папата Фрањо ги охрабри членовите на Каритас од Толедо да бидат учители на мудроста, која му е потребна на светот, односно она која се учи од Христос, од молитвата, од Евангелието и од слушањето на сиромашните. Во свет во кој – како што рече – лудилото скапо се купува и продава, охрабрувањето на Папата е да се биде близок со оние кои нема каде да ја наслонат главата и кои не се прифатени.

Неколку податоци

Според податоците од економскиот извештај на бискупскиот Каритас во Толедо за 2023 година, објавен на нивната веб-страница, во надбискупијата работат 116 Парохиски Каритаси, 2 меѓупарохиски и 5 бискупски центри. Во 2023 година, благодарение на работата на 1.221 волонтери и 72 вработени, поддржани се 23.526 лица, а директно се поддржани 10.517 сиромашни во целата надбискупија. Освен тоа, 5,3 милиони евра се наменети за одговор на различните форми на сиромаштво.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот