Проучувањето и подготовката предизвикуваат интерес и восхит, но она што привлекува е доследноста на христијанскиот живот, истакна на Генералната аудиенција папата Фрањо, говорејќи за мисијата на Матео Ричи, Исусовец кој пред 500 години, надминувајќи ги тешкотиите и опасностите, успеал да влезе во Кина, во таа голема азиска земја за да ја навестува христијанската вера
Продолжувајќи со серијата катехези за апостолската ревност, папата Фрањо на Генералната аудиенција на 31 мај 2023 година зборуваше за преподобниот Божји слуга Матео Ричи.
За слабите станав како слаб, за да ги придобијам слабите. За сите станав сè, та по каков и да било начин да спасам некого. А ова го правам поради Евангелието, за да бидам учесник во Него (од Првото послание до Коринтјаните)
Матео Ричи е Исусовец, по потекло од Мачерата, во регионот Марке, а неговата желба била да биде испратен како мисионер на Далечниот Исток. Од времето на Фрањо Ксаверски, ниту еден друг Исусовец не успеал да влезе во Кина. Но, Матео Ричи и еден од неговите браќа, откако добро се подготвија со учење на кинескиот јазик и обичаи, на крајот успеаја да се населат на југот на земјата. Им требаа 18 години да стигнат до Пекинг – истакна Папата и додаде:
Со упорност и трпение, носен од непоколеблива вера, Матео Ричи успеа да ги надмине тешкотиите и опасностите, недовербата и противењето. Замислете, во тоа време требаше да пешачи или да јава коњ, да помине долги растојанија… и тој одеше напред. Но, која била тајната на Матео Ричи? По кој пат го водеше тој жар? Секогаш го следеше патот на дијалогот и пријателството со сите што ќе ги сретнеше, а тоа му отвори многу врати да ја навести христијанската вера.
Вистината на христијанската вера во дијалог со кинеската култура
Духот на пријателството беше постојан аспект од животот на преподобниот Божји слуга, кој секогаш го бараше најдобриот начин да се вклопи во културата и животот на кинескиот народ, сè до облекувањето во будистички облеки. Тогаш сфати – истакна Папата – дека треба да го прифати стилот на живот и облекување на учена личност и ги проучуваше нивните текстови за да може да го претстави христијанството во дијалог со културата и обичаите на кинеското општество. Затоа, кај образованите луѓе, неговата научна подготовка предизвика интерес и восхит.
Познавањето на математиката и астрономијата на Ричи и мисионерите, неговите следбеници, придонесе за плодна средба меѓу културата и науката на Западот и Истокот, која потоа ќе доживее едно од своите најсреќни времиња, во знак на дијалог и пријателство.
Сведоштво за милосрдие и понизност
Меѓутоа, основната мотивација на целокупната активност на Матео Ричи беше навестување на Евангелието – истакна Светиот Отец. Поради неговата убедливост во научниот дијалог, тој се здоби со репутација благодарение на која можеше да ја предложи вистината на христијанската вера. Но, нешто друго ги привлече луѓето кај него:
Покрај поучувањето, тука е и сведоштво за монашкиот живот, крепост и молитва: тие мисионери молеле. Отидоа да проповедаат, беа во движење, повлекуваа политички потези, сето тоа: но и молеа. Молитвата е она што го зајакнува мисионерскиот живот, живот исполнет со љубов; им помагаа на другите, скромно, во потполна незаинтересираност за почести и богатства.
Она што привлекува е доследноста на животот
Колку многу е важна доследноста на животот на верникот за делотворно навестување на Евангелието, папата Фрањо истакна:
А тоа се однесува на сите нас христијаните кои сме евангелизатори. Можам да го кажам Символот на верата напамет, можам да набројам сè во што верувам, но ако твојот живот не е во согласност со тоа, нема никаква корист. Она што ги привлекува луѓето е сведоштвото за доследност: ние христијаните сме повикани да го живееме она што го зборуваме, а не да се преправаме дека живееме како христијани, а всушност живееме световно. Внимавајте на тоа, погледнете на тие големи мисионери – како Матео Ричи кој е Италијанец – погледнете ги тие големи мисионери, ќе видите дека најголемата сила е доследноста: тие се доследни.
Неговиот мисионерски стил е пример и за денес
На крајот, папата Фрањо ја истакна големата апостолска ревност на тој Исусовец, кој почина на 58 годишна возраст, истрошен од умор поради постојаната достапност за другите. Во последните денови од животот, кога оние кои беа покрај него ќе го прашаа како се чувствува, Матео Ричи ќе одговори дека не знае дали радоста и среќата што ги чувствува во него се поголеми со помислата дека часот на патување кое ќе го доведе да ужива во Божјата близина или тагата што мора да ги напушти своите придружници и целата мисија која толку многу ја сакаше.
Мисионерскиот дух на Матео Ричи е актуелен и жив пример. Неговата љубов кон кинескиот народ е за пример; но она што е уште поактуелно е неговата доследност на животот, сведоштвото со неговиот живот како христијанин. (…) Браќа и сестри, секој од нас денеска во срцето нека се запраша: „Дали сум доследен или повеќе не сум тоа што сум?“.
Ватикан њуз/к.мк