Во своето пладневно обраќање пред молитвата „Царице небесна“, папата Лав XIV ги охрабри верниците да Го повикуваат Светиот Дух, Кој ги отвора вратите на верата, ја поттикнува Црквата да ги прима сите и го отвора срцето на секој човек, за да може да ги надмине отпорот, себичноста, недовербата и предрасудите и да живее во братство.
„Кои врати ги отвора Духот?“ Со ова прашање папата Лав XIV се обрати во недела, 24 мај 2026 година, на празникот Педесетница, пред молитвата „Царице небесна“. На сончевиот плоштад „Свети Петар“, пред околу 30.000 собрани верници, Папата ги повика сите да размислуваат за дарот на Светиот Дух, изобилно излеан врз првата Црква и секогаш одново даруван на нејзините членови како светлина и сила во сите околности на животот.
Тој ги охрабри верниците да Го повикуваат Светиот Дух за да ги отвори сите врати што сè уште се затворени.
„Треба повторно да Го откриеме Бога како Отец Кој нè сака, да градиме Црква во која секој ќе се чувствува како дома и да негуваме братски свет во кој ќе владее мир меѓу сите народи“, порача Папата.
Средба со вистинската вера
Папата истакна три врати што Светиот Дух ги отвора. Притоа потсети на дел од Делата апостолски, каде што се опишува како Духот слегол како силен ветар, ги отворил вратите и ги поттикнал учениците да излезат и да ја проповедаат Радосната вест за Воскреснатиот Христос.
Првата врата, рече папата Лав XIV, е вратата кон самиот Бог. Тој ни ја дарува вистинската вера, ни помага да го разбереме значењето на Светото Писмо, ни овозможува да Го познаеме како близок и нè воведува во учество во Неговиот живот.
„Светиот Дух ни помага да стекнеме лично искуство со Бога, да Го сретнеме во Исус, а не само преку почитување на законот, да Го препознаеме во себе и да ги откриваме знаците на Неговото присуство во нашиот секојдневен живот“, рече Папата.
Црква што прима
Втората врата, нагласи Папата, е вратата на Горната соба, односно вратата на Црквата. Ветерот на Духот ги однесува стравовите, вознемиреноста пред предизвиците на светот и неможноста за дијалог со променливите времиња, за да можеме да бидеме, како што велеше папата Фрањо, Црква со отворени врати за сите.
„Духот ги отвора вратите на Црквата за да може да ги прими сите и да биде гостопримлива кон сите, дури и кон оние што ги затвориле своите врати за Бога, за другите, за надежта и за радоста на животот“, истакна папата Лав XIV.
Јазикот на љубовта
Последната врата на која се осврна Папата е вратата на срцето. Таа треба да се отвори за да се роди братство меѓу луѓето.
„Светиот Дух ги отвора вратите на нашите срца, помагајќи ни да ги надминеме отпорот, себичноста, недовербата и предрасудите, правејќи нè способни да живееме како Божји деца и како браќа и сестри едни со други“, рече Папата.
Таму каде што е присутен Духот Господов, се раѓа братство меѓу поединците, групите и народите на земјата. Тогаш сите зборуваат еден јазик: јазикот на љубовта, кој ги обединува луѓето и ги усогласува различностите.
Ватикан њуз/к.мк

