За време на Генералната аудиенција, во среда 18 јуни 2025 година, папата Лав XIV се осврна на евангелскиот дел за фатениот човек крај бањата Витезда, предупредувајќи на опасноста од духовна апатија и обесхрабреност.
Пред почетокот на средбата, папата Лав XIV ги поздрави верниците собрани на плоштадот „Свети Петар“, возејќи се во папамобилот.
Во својата катехеза, Папата продолжи да размислува за темата на Јубилејот: „Исус Христос – нашата надеж“, задржувајќи се на ликот на Исус како исцелител.
Тој ги повика присутните да се замислат над моментите во животот кога се чувствуваат „заглавени“, беспомошни, како пред ѕид од кој нема излез. „Кога надежта изгледа бескорисна, кога сакаме да се откажеме,“ рече тој, „Евангелието го опишува тоа преку сликата на парализа.“
Куќа на милосрдието
Како пример, Папата се повика на настанот за исцелувањето на фатениот човек крај бањата во Витезда.
Кога Исус пристигнува во Ерусалим за еврејски празник, не се упатува најнапред во храмот, туку на една капија – местото каде болните и страдалниците чекале да се раздвижи водата во бањата, верувајќи дека тоа носи исцелување.
Но, таа сцена, како што забележа Папата, не изгледала возвишено, туку тажно – таму имало борба меѓу сиромашните, турканици, гласови, секој се обидувал да биде прв.
Папата Лав го потсети светот на гласот на папата Фрањо: „Во секој случај, војната е пораз.“
Името Витезда значи „куќа на милосрдието“, и, според Папата, претставува слика на Црквата – место каде се собираат болните и сиромашните, и каде Господ доаѓа да донесе исцеление и надеж.
Без изговори
Исус го среќава човекот кој бил парализиран 38 години и веќе се помирил со својата состојба. Таа разочараност, рече Папата, е она што најмногу нѐ парализира: „стануваме обесхрабрени и паѓаме во духовна рамнодушност.“
Исус го прашува: „Сакаш ли да оздравиш?“ (сп. Иван 5,6). И ние, како тој човек, можеме да останеме заглавени и желбата за оздравување да стивне. Се навикнуваме на својата болест, и очекуваме другите да се грижат за нас. Но, Папата предупреди: тоа не смее да стане изговор за да не преземеме одговорност за својот живот.
Одговорот на фатениот човек открива начин на гледање на животот – тој се жали дека нема кој да го внесе во водата, префрлајќи ја вината на другите. Папата праша: „Дали навистина беше така? Дали навистина немаше никој?“
Повикувајќи се на својот духовен татко, свети Августин, папата Лав истакна: „Фатениот не му требаше само помошна рака, туку човек што во исто време е и Бог.“
Напиши ја својата приказна
Исус му помага на човекот да премине од фаталистички поглед на светот – каде сè се сведува на среќа или несреќа – кон лична одговорност. Наметката што ја носи станува симбол на неговата болест, но и на неговата историја. Сега, тој е исправен, слободен, и може да го напише својот сопствен пат.
На крајот, папата Лав XIV ги повика верниците да ја побараат од Бога благодатта да препознаат каде се заглавени и да ја искажат својата желба за исцеление.
Ватикан њуз/к.мк