Папата Лав XIV упати сочувство за загинатите во железничката несреќа во Шпанија

Папата Лав XIV упати сочувство за загинатите во железничката несреќа во Шпанија

Откако ја прими веста за железничката несреќа во Шпанија, во која загинаа 68 лица, а многу други беа повредени, папата Лав XIV го изрази своето „длабоко жалење“ и се помоли за вечен покој на загинатите.

Папата Лав XIV изрази „длабоко жалење“ поради трагичната железничка несреќа што се случи во централна Шпанија во среда, 28 октомври 2026 година.

Тој испрати телеграма со сочувство, потпишана од државниот секретар, кардинал Пјетро Паролин, а упатена до надбискупот на Толедо, Франциско Серо Чавес.

Во средата, околу 8.54 часот по локално време, два брзи воза се судрија во близина на градот Урда, во провинцијата Толедо.

Бројот на загинати изнесува 68, но сè уште е привремен, според портпаролката на регионалната влада на Кастиља-Ла Манча, Естер Падиља. Таа во четвртокот соопшти дека 53 лица и понатаму се хоспитализирани, од кои 15 се наоѓаат во критична состојба во различни болници.

Спасувачките тимови, со помош на кучиња трагачи, продолжија со потрагата по жртви и во четвртокот наутро.

Светиот Отец ги увери сите погодени од трагедијата во своите молитви за вечен покој на загинатите и им упати искрено сочувство на нивните семејства, заедно со зборови на утеха и близина. Тој се помоли и за брзо закрепнување на повредените.

Папата, исто така, ги охрабри членовите на спасувачките екипи да истраат во своите напори за помош на настраданите и им го упати својот апостолски благослов.

Шпанската влада прогласи тридневна национална жалост. Ова е втора несреќа со брз воз во Шпанија оваа година.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот