Во своето прво обраќање пред Кардиналскиот колегиум, папата Лав XIV се повика на наследството и на папата Фрањо и на папата Лав XIII, истакнувајќи дека сака Црквата „да одговори на новата индустриска револуција и на развојот на вештачката интелигенција“.
Во своето прво формално обраќање Кардиналскиот колегиум по неговиот избор, папата Лав XIV го откри вдахновението за името кое го избра – име кое, според неговите зборови, ја одразува трајната посветеност на Црквата на човечкото достоинство и социјалната правда.
„Папата Лав XIII, со историската енциклика Rerum novarum, се осврнува на социјалните прашања во контекст на првата голема индустриска револуција“, потсети папата Лав. „Денес, Црквата на сите им го нуди своето богатство на социјално учење како одговор на уште една индустриска револуција и развојот на вештачката интелигенција.“ Име, кое не само што е вкоренето во традицијата, туку и кое цврсто гледа напред кон предизвиците на светот кој брзо се менува и вечниот повик да се заштитат најранливите во него.
Обраќајќи се до кардиналите, кои ги нарече „најблиски соработници на Папата“, во саботата, папата Лав XIV го одржа своето прво официјално обраќање како Петров наследник, изразувајќи искрена благодарност и свесност за огромната одговорност која сега му е доверена. „Овој јарем“, рече тој, „очигледно е далеку над моите сили – како што би бил за секого“.
Папата Лео истакна дека деновите што претходеа на неговиот избор беа обележани со жалост, додека Црквата се збогуваше со папата Фрањо. Сфаќајќи ја емотивната тежина на тоа збогување, Папата ја опиша смртта на саканиот папа Фрањо и последователната Конклава како „пасхален настан“, обвиен во светлината на Воскресението.
Новиот Римски епископ му оддаде почит на својот претходник, сеќавајќи се на едноставноста на папата Фрањо, неговата радикална посветеност на службата и неговото мирно враќање во домот на Отецот. „Да го цениме ова драгоцено наследство и да го продолжиме нашето патување“, рече тој, „восхитени со истата надеж која доаѓа од верата“.
Светиот Отец ги потсети собраните на тивкото, но моќно присуство на Воскреснатиот Христос – „не во татнежот на громот и земјотресот“, туку во „шепотот на благиот ветрец“. Во оваа тишина, рече тој, најинтимно се среќаваме со Бога и токму оваа средба мора денес да ја води Црквата во нејзиното послание.
Потоа папата Лав продолжил да зборува за Црквата како „матка“ и „стадо“, како „поле“ и „храм“, и го пофали единството што го покажале верниците во деновите на жалост, опишувајќи го како „откривање на вистинската величина на Црквата“.
Гледајќи напред кон иднината, папата Лав XIV го повтори патот што го започна Вториот ватикански собор, пат обновен и реинтерпретиран под водство на папата Фрањо. Тој ги истакна клучните теми од Апостолскиот поттик Evangelii gaudium на папата Фрањо: приматот на Христос, синодалноста, sensus fidei (натприродното „чувство“ на верниците), народната побожност, грижата за сиромашните и храброто ангажирање со светот.
„Ова се евангелски принципи преку кои милосрдното лице на Отецот е откриено и продолжува да се открива во Синот кој стана човек“, рече папата Лав.
Завршувајќи го својот говор, папата Лав XIV ги повика своите браќа кардинали и пошироката Црква да продолжат по овој пат со „молитва и посветеност“. На крајот, го цитираше Свети Павле VI, на зората на својот понтификат, молејќи се „големиот пламен на верата и љубовта“ повторно да се прошири низ целиот свет, осветлувајќи го патот за сите луѓе со добра волја.
Ватикан њуз/к.мк