Папата Лав XIV го посети американскиот амбасадор при Светиот Престол по повод 4 јули

Папата Лав XIV го посети американскиот амбасадор при Светиот Престол по повод 4 јули

По повод 4 јули, кога се одбележува 250-годишнината од основањето на Соединетите Американски Држави, папата Лав XIV ја прифати поканата на амбасадорот на САД при Светиот Престол, г. Брајан Бурч, и ја посети неговата резиденција во Рим.

На 4 јули се одбележува 250-годишнината од потпишувањето на Декларацијата за независност на Соединетите Американски Држави.

По тој повод, Ватикан го објави писмото на папата Лав XIV до американскиот народ, во кое тој ги уверува во своите молитви на оваа посебна годишнина.

Првата половина од саботата Папата ја помина во пасторална посета на јужниот италијански остров Лампедуза, покажувајќи ја својата близина со мигрантите и со сите што се посветуваат на помошта на луѓето во страдање.

Подоцна истиот ден, Канцеларијата за печат на Светиот Престол ги информираше новинарите дека Светиот Отец, прифаќајќи ја поканата на амбасадорот на Соединетите Американски Држави при Светиот Престол, Брајан Бурч, во саботата навечер ја посетил резиденцијата на амбасадорот во Рим по повод националниот празник.

Во петокот вечерта, во пресрет на годишнината, папата Лав XIV го прими Медалот на слободата од Националниот уставен центар на САД, како признание за неговата долгогодишна посветеност во промовирањето на верската слобода, слободата на совеста и слободата на изразување низ светот.

Папата, роден во Чикаго, им се обрати преку видеопорака од Ватикан на присутните во Филаделфија. Тој се помоли 250-годишнината од основањето на Соединетите Американски Држави да биде повод за обновена посветеност кон основните идеали врз кои е основана земјата, особено животот и слободата.

„Како син на оваа голема земја, основана од храбри мажи и жени што сонувале за слобода и за подобар живот за себе и за своите деца, ви се придружувам во молитвата Бог да ја благослови иднината на Америка, за возвишените идеали запишани на почетокот од Декларацијата за независност да продолжат да го водат напредокот на нацијата во единство, правда и мир“, рече папата Лав XIV.

Своето обраќање го заврши со зборовите

„Бог да ја благослови Америка.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот