„Неопходно е Исус Христос, во кого сè е содржано, да биде објавен со јасност и со голема љубов меѓу жителите на Амазонија, и да се стремиме да им го дадеме свежиот и чист леб на Радосната вест и небесната храна на Евхаристијата, единственото средство за да бидеме вистински Божји народ и Тело Христово.“
Папата Лав XIV го истакна тоа до бискупите на Амазонската црковна конференција во телеграма испратена во негово име од кардиналот државен секретар Пјетро Паролин, упатена до претседателот на Конференцијата, кардиналот Педро Рикардо Барето Химено, СЈ.
Папата ја испрати пораката за собирот на бискупите на Амазонија, кој се одржува од 17 до 20 август во Богота, Колумбија.
Во пораката тој понуди три препораки: „да се имаат предвид три димензии кои се меѓусебно поврзани во пасторалната работа на тој регион: мисијата на Црквата да го проповеда Евангелието на сите (види Ad gentes, 1), праведниот третман на народите што живеат таму и грижата за заедничкиот дом“.
Папата повтори дека е важно „да не се уништуваат неодговорно природните добра кои зборуваат за добрината и убавината на Создателот, и уште повеќе да не се гледа на нив како на господар или идол, бидејќи работите се дадени за да ја постигнеме нашата цел – да го славиме Бога и со тоа да стекнеме спасение на нашите души“.
Во рамките на оваа вечна доктрина, рече Папата Лав, исто така очигледни се правото и должноста да се грижиме за „домот“ кој Бог Отец ни го довери како вредни управители.
Поголемото добро на Црквата
Папата Лав им се заблагодари на бискупите за нивните напори во унапредувањето на поголемото добро на Црквата за верниците на возљубената амазонска територија.
Земајќи го во предвид учењето на Синодата во однос на слушањето и учеството на сите звања во Црквата, Папата ги охрабри „да бараат – врз основа на единството и колегијалноста својствени на епископското тело – начини конкретно и ефикасно да им помогнат на епархиските епископи и апостолските викари во извршувањето на нивната мисија“.
Неправдата се повлекува каде што се проповеда Христовото име
Папата Лав XIV повторно укажа како проповедањето на Христос ги преобразува општествата.
„Во оваа мисија“, рече Папата Лав, „ние сме поттикнати од сигурноста, потврдена од историјата на Црквата, дека секаде каде што се проповеда името Христово, неправдата пропорционално се повлекува, бидејќи, како што вели апостол Павле, секоја експлоатација на човек од човек исчезнува ако сме во можност да се прифатиме еден со друг како браќа и сестри.“
На крајот, Светиот Отец го упати својот апостолски благослов на бискупите и на сите на кои им е доверена пастирската грижа.
Ватикан њуз/к.мк