Папата Лав XIV во ноември ќе ги посети Уругвај, Аргентина и Перу

Папата Лав XIV во ноември ќе ги посети Уругвај, Аргентина и Перу

Канцеларијата за печат на Светиот Престол соопшти дека папата Лав XIV во ноември 2026 година ќе оствари апостолско патување во Уругвај, Аргентина и Перу.

Папата Лав XIV ќе патува во Уругвај, Аргентина и Перу од 6 до 17 ноември, соопшти Канцеларијата за печат на Светиот Престол.

Светиот Отец ќе ги посети Монтевидео, Пајсанду и Флорида од 6 до 8 ноември. Потоа, од 8 до 11 ноември, ќе престојува во Аргентина, каде што ќе ги посети Буенос Аирес, Кордоба и Лухан. Од 11 до 17 ноември ќе биде во Перу, со посети на Лима, Чиклајо, Куско и Пукалпа.

Уругвај, каде што католиците сочинуваат само 36 проценти од населението, е земјата со најмал удел на католици во цела Латинска Америка.

Аргентина, пак, е родната земја на претходникот на папата Лав XIV, папата Франциск. Иако покојниот папа потекнуваше од Буенос Аирес, тој не успеа да ја посети Аргентина за време на неговиот  12-годишен понтификат.

Перу е земја што папата Лав XIV многу добро ја познава. Таму првпат пристигнал како мисионер во 1980-тите години, а подоцна служел и како епископ и добил државјанство.

Ова патување во Латинска Америка, при кое Папата ќе посети десет градови во текот на единаесет дена, ќе биде негово шесто меѓународно патување.

Деталната програма за патувањето ќе биде објавена наскоро.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот