Папата Лав XIV во Куско и Пукалпа: Повик за жива вера, достоинство и грижа за создадениот свет

Папата Лав XIV во Куско и Пукалпа: Повик за жива вера, достоинство и грижа за создадениот свет

Во рамки на апостолското патување на папата Лав XIV во Перу во недела, 15 ноември, со посета на Куско и Пукалпа, каде што Светиот Отец се сретна со верниците, претставниците на народната побожност, домородните народи и мисионерите. Во своите обраќања Папата повика на зачувување на живата вера, почитување на човечкото достоинство и одговорна грижа за создадениот свет.

По заминувањето од Чиклајо, папата Лав пристигна во Куско, историскиот главен град на Империјата на Инките, каде што на археолошкиот локалитет Саксаваман се сретна со верници и претставници на народната побожност. Светиот Отец го истакна значењето на верските традиции кои со генерации ја пренесуваат верата и ја поврзуваат христијанската порака со животот на локалните заедници.

Папата ги опиша народните побожности како драгоцено богатство исполнето со добри поуки и ги охрабри верниците да ги живеат како вистински места на средба со Христос, заедништво и братство. Тој повика ова духовно наследство да им се пренесува на новите генерации како жива вера, а не само како културна традиција. Според Папата, молитвите, процесиите и другите форми на побожност можат да станат пат преку кој луѓето го откриваат Божјото присуство и ја зајакнуваат солидарноста меѓу себе.

Во Куско папата Лав се задржа и на значењето на болеста и човечката слабост. За време на молитвата Ангел Господов тој истакна дека искуството на болеста може да стане пат за растење во Божјата љубов, кога човекот ја доверува сопствената кревкост на Господ. Христијанската надеж, нагласи Папата, не го отстранува страдањето, туку му овозможува на човекот да го проживее со вера и со доверба дека Божјата сила се покажува и во човечката слабост.

По посетата на Куско, Светиот Отец отпатува во Пукалпа, во срцето на перуанската Амазонија. Таму се сретна со мисионери и претставници на домородните народи, слушајќи ги нивните искуства, тешкотии и надежи. Папата остро предупреди на злоупотребите на човековите права и на неодговорното искористување на природните богатства, кои го загрозуваат опстанокот на локалните заедници и нивниот традиционален начин на живот.

Обраќајќи им се на жителите на Амазонија, папата Лав ги увери дека Црквата останува блиску до нив и нивните страдања.

„Христос е со вас“, порача Светиот Отец, нагласувајќи дека Црквата е повикана да ги слуша гласовите на народите кои честопати остануваат на периферијата и да го брани нивното достоинство. Тој ја истакна и важноста од поддршка на мисионерите и црковните заедници кои служат на огромната и тешко достапна територија на Амазонија.

Во Пукалпа папата Лав XIV служеше Света Литургија во регионалниот спортски комплекс во Укајали. Во проповедта се осврна на евангелската парабола за талантите и ги повика верниците даровите што ги примиле од Бога да ги стават во служба на другите, на општото добро и на грижата за создадениот свет.

Папата нагласи дека грижата за човечкиот живот и грижата за земјата се тесно поврзани. Според него, сè што го повредува достоинството на човекот ја нарушува и убавината на создадениот свет. Тој предупреди дека експлоатацијата на работниците, уништувањето на животната средина и насилството врз луѓето произлегуваат од истата желба за доминација и неодговорно користење на она што Бог му го доверил на човекот.

Осврнувајќи се на состојбата во Амазонија, Светиот Отец изрази загриженост поради уништувањето на природните ресурси и последиците што тоа ги остава врз населението. Тој потсети дека општествениот мир и еколошката рамнотежа одат заедно и дека насилството врз природата на крајот се одразува и врз човекот.

Папата ги повика верниците да ги развиваат своите таланти со вера, солидарност и радост, градејќи иднина во која правдата и мирот ќе имаат централно место. Даровите што Бог му ги доверува на секој човек, истакна тој, добиваат вистинска смисла кога се користат за служење и за подобрување на животот на другите.

Со посетите на Куско и Пукалпа, папата Лав XIV ги стави во центарот две важни реалности на Перу, богатото духовно и културно наследство на Андите и предизвиците со кои се соочуваат народите на Амазонија. Во двете средини неговата порака беше насочена кон вера која се претвора во конкретна грижа за човекот, заедницата и создадениот свет.

Последниот ден од посетата на Перу, 16 ноември, според објавената програма, е предвидено Папата да го посвети на областа Калао, да посети дом за стари лица и да служи завршна Света Литургија во воздухопловната база Лас Палмас, по што треба да отпатува за Рим.

к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот