Националниот уставен центар со седиште во САД објавува дека ќе му го додели на папата Лав XIV 38-от годишен „Медал за слобода“ на церемонија на доделување награди во трговскиот центар „Индепенденс Мол“ во Филаделфија.
На 3 јули 2026 година папата Лав ќе го прими 38-от годишен „Медал за слобода“ од Националниот центар за Устав, во пресрет на 250-годишнината од основањето на Соединетите Американски Држави.
„Наградата го препознава залагањето на Светиот Отец за промовирање на верската слобода и слободата на совеста и изразувањето ширум светот, идеали што основачите на Америка ги вградија во Првиот амандман на Уставот на САД“, се вели во соопштението на Националниот центар за Устав.
Церемонијата ќе се одржи на отворено, пред Центарот, на „Independence Mall“ во Филаделфија, а Папата има намера да се обрати со говор од Ватикан директно преку интернет.
Директорот на Канцеларијата за печат на Светиот Престол, Матео Бруни, изјави дека Папата „е длабоко благодарен на Националниот центар за Устав за оваа престижна награда, во толку значајна годишнина за американскиот народ, кој е повикан да размислува за 250 години од својата историја, имајќи ја Декларацијата за независност, Уставот на САД и слободата како обележја на своето наследство за идните поколенија“.
Се очекува на настанот да присуствуваат граѓански и верски лидери, како и поширока јавност, за да се истакне како основачките идеали, изразени пред 250 години, и денес одекнуваат во глобален контекст.
Заложбата на папата Лав XIV за дијалог
Во соопштението, Националниот центар за Устав истакнува дека, од изборот во мај 2025 година, Папата „меѓурелигискиот и екуменскиот дијалог го направил определувачки приоритет на својот понтификат, среќавајќи се со лидери од еврејски, муслимански, христијански и други верски заедници, за да промовира меѓусебно почитување и мирен соживот“.
„Неговото обраќање и близина се израз на поширока морална визија, која ја гледа верската слобода не како апстрактно право, туку како потврда на човечкото достоинство, особено за маргинализираните заедници, меѓу кои се и верските малцинства и оние што се погодени од конфликт“, се додава во соопштението.
Вршителот на должност претседател и извршен директор на Центарот, Винс Станго, нагласи дека „Националниот центар за Устав е почестен што му го доделува Медалот за слобода на папата Лав XIV, како доследен застапник на верската слобода, слободата на совеста и човечкото достоинство“.
„Во официјални ватикански соопштенија и јавни обраќања“, додаде тој, „Неговата Светост потврди дека не може да има мир без слобода на религијата, слобода на мислата и слобода на изразувањето, начела што тесно се усогласуваат со уставните заштити гарантирани со Првиот амандман“.
Медал за слобода и Националниот центар за Устав
Медалот за слобода, основана во 1988 година и чиј домаќин е Националниот центар за Устав од 2006 година, се доделува на поединци и организации што се залагаат за „благословите на слободата“ да им бидат достапни на луѓето ширум светот.
Годинешната церемонија, во рамки на одбележувањето на 250-годишнината, се реализира во партнерство со Градот Филаделфија и „Wawa Welcome America“, како дел од настаните во Неделата на независноста посветена на годишнината од потпишувањето на Декларацијата за независност.
Во програмата за Медалот за слобода, улога има и Универзитетот „Виланова“, матичниот универзитет на папата Лав XIV.
Според веб-страницата на Центарот, Националниот центар за Устав во Филаделфија ги обединува луѓето од сите возрасти и гледишта, од Америка и од целиот свет, за да учат, дебатираат и го слават, како што наведуваат, „најголемата визија за човечката слобода во историјата“, Уставот на САД.
Ватикан њуз/к.мк

