Папата Лав XIV ги поздрави учесниците на конференцијата „Светоста во историјата“, организирана од Дикастеријата за прогласување на светци, која се одржува во Папскиот патристички институт „Августинијанум“ во Рим.
Формално „канонизираната светост“, без разлика дали станува збор за древни светци или за понови сведоци на верата, мора да биде поткрепена со „автентично и веродостојно сведоштво, кое не остава простор за сомнеж“, им рече папата Лав на членовите на Дикастеријата за прогласување на светци, кои учествуваат на конференцијата „Светоста во историјата“ во Рим.
Светоста и историјата
Размислувајќи за односот меѓу светоста и историјата, што е и тема на конференцијата, папата Лав објасни дека употребата на историските методи во процесите за канонизација не служи едноставно за „создавање историографија“, туку за да се „изнесат на виделина примерниот живот, духовноста и угледот за светост“ на оние за кои се води постапка.
Папата продолжи, нагласувајќи дека историското истражување мора да земе предвид и како „историскиот и културниот развој влијае врз самиот поим за светост“.
Тоа не значи дека светоста се менува со текот на времето. Напротив, ни помага „конкретното животно искуство да го толкуваме во светлината на Евангелието“.
Божјиот народ, рече тој, „бара примери за живеење во сегашноста, посредници кои можат да им помогнат на членовите на Црквата да се соочат со денешните предизвици и да ги препознаат можностите што тие ги нудат“.
„Историја обликувана од верата“
На крајот, папата Лав истакна дека „мораме да размислуваме за тоа како присуството и сведоштвото на светците ја преобразиле историјата“, одговарајќи на Божјиот повик во конкретните околности на својот живот, „соединувајќи ја верата со историјата и посветувајќи го својот живот“ на изградбата на Божјото Царство.
„Сведоштвото на светците“, рече Папата на крајот, „нè потсетува на обновувачката и преобразувачка сила на Воскресението. Тие ни покажуваат историја обликувана од верата.“
Ватикан њуз/к.мк

