Посетата на папата Лав XIV на Кнежевството Монако, предвидена за 28 март, ќе трае околу девет часа. Во текот на денот Папата ќе се сретне со кнезот Алберт II, потоа со католичката заедница, со младите и катехумените, а ќе ја предводи и света Литургија на стадионот „Луј II“. Истовремено беа објавени и логото и мотото на посетата, преземено од Евангелието според Иван: „Je suis le Chemin, la Vérité et la Vie“ („Јас сум патот, вистината и животот“).
Канцеларијата за печат на Светиот Престол на 9 март ја објави официјалната програма за ова апостолско патување и соопшти дека папата Лав XIV ќе отпатува во Кнежевството Монако во сабота, 28 март, во пресрет на Страсната седмица. Ова ќе биде првата европска посета на Папата и прво негово меѓународно патување во првата половина на 2026 година. Потоа ќе следи подолго патување во Африка во април и посетата на Шпанија во јуни.
Патувањето, што ќе трае нешто помалку од девет часа и ќе биде обележано со четири средби, започнува со протоколарна посета кај кнезот Алберт II, продолжува со средба со католичката заедница и со средба со младите и катехумените, а завршува со света Литургија на стадионот „Луј II“.
Мотото на посетата е: „Je suis le Chemin, la Vérité et la Vie“, односно „Јас сум патот, вистината и животот“ (Иван 14,6). Овој стих нагласува дека Папата се претставува како носител на Христос и на Неговата порака.
Патувањето
Папата Лав ќе пристигне во Монако со хеликоптер, со што ќе стане првиот Папа што ја посетил оваа држава. Во Монако, според Уставот, католицизмот е државна религија, а дијалогот меѓу граѓанските институции и Црквата и понатаму има важно место во јавниот живот. Посетата се реализира по повторени покани од властите на Кнежевството.
Како што објасни надбискупот Доминик-Мари Давид, посетата е можност да се потврди вековната врска меѓу семејството Грималди и наследниците на свети Петар, како и да се зајакнат бројните заеднички заложби: почитување на човечкиот живот „од неговиот почеток до неговиот крај“, грижа за интегралната екологија и заштита на „заедничкиот дом“, како и љубовта кон спортот.
Кнезот Алберт II, кој беше примен во Ватикан на 17 јануари заедно со кнегињата Шарлен, изјави дека папската посета ги продолжува „древните и доверливи дипломатски односи меѓу Кнежевството Монако и Светиот Престол“. Посетата на крајот од март, според неговите зборови, носи „двојна димензија, институционална и пасторална“, и претставува „силен знак на надеж“ во дух на дијалог, мир и заедничка одговорност.
Програма
Папата ќе замине од Ватикан со хеликоптер во 7:00 часот и ќе пристигне на хелиодромот во Монако во 9:00 часот, каде што ќе му биде приреден официјален пречек. Потоа ќе се упати кон Кнежевскиот дворец за свечена церемонија и средба со кнезот и неговото семејство.
Во Кнежевскиот дворец Папата ќе оствари протоколарна посета и ќе упати поздрав, што ќе биде првото од четирите јавни обраќања за време на посетата.
Втората порака ќе биде проповед за католичката заедница на средбата закажана во 11:00 часот во Катедралата „Безгрешно зачнување“. Четириесет и пет минути подоцна, Папата ќе се сретне со младите и катехумените на плоштадот пред црквата „Света Девота“, црква од 19 век во квартот Ла Кондамин и седиште на парохијата на Набискупијата Монако. И на оваа средба папата Лав ќе одржи говор.
По ручек и краток одмор, Папата ќе се упати кон стадионот „Луј II“, спортски комплекс именуван по кнезот Луј II (владеел 1922–1949), каде што фудбалскиот клуб АС Монако ги игра домашните натпревари. Таму Лав XIV ќе ја предводи светата Литургија и ќе одржи проповед.
По завршувањето на богослужбата, Папата ќе се збогува од Кнежевството Монако за време на официјалната церемонија на хелиодромот. Поаѓањето е предвидено за 17:45 часот, а пристигнувањето назад во Рим околу два часа подоцна.
Мото и лого
Со програмата беа објавени и логото и мотото на посетата. Според објаснувањето, во горниот лев агол на логото има црно-бела слика од Папата, насмеан и со благослов, облечен во литургиски одежди, со митра и пастирски стап, за да се истакне духовната и пасторалната димензија на посетата.
Од десната страна е стилизирана слика од кулата на Кнежевскиот дворец, која упатува на идентитетот и суверенитетот на Кнежевството. Кулата е во светложолта боја, така што горниот дел во целина потсетува на боите на знамето на Ватикан.
Во долниот дел се наоѓа натписот за апостолското патување: името „Лав XIV“ е поставено во средината со големи букви, а зборот „Монако“ е истакнат со црвената боја на националното знаме и на кнежевскиот грб. Во целина, логото го истакнува ликот на Папата и неговата апостолска мисија.
Ватикан њуз/к.мк

