На 9. Светски ден на сиромашните, папата Лав XIV руча со околу 1.300 луѓе од различни делови на светот и потсети на луѓето кои страдаат поради насилство, војни и глад.
Во салата „Павле VI“ неаполските мелодии се мешаа со смеата на 1.300 гости – сиромашни, раселени, заборавени – кои дојдоа да споделат ручек со папата Лав на 9. Светски ден на сиромашните.
Послужените јадења беа едноставни: зеленчукова лазањa, шницли, овошје од Неапол и babà за десерт.
На една маса, млада Мисионерка на Милосрдието хранеше бебе со шише. Нејзината сопствена порција лазања стоеше изладена на масата.
По молитвата Ангел Господов на плоштадот „Свети Петар“, папата Лав XIV дојде во салата да руча со присутните.
„Со голема радост се собираме попладнево за овој оброк на овој ден што толку многу го сакаше мојот претходник, папата Фрањо“, рече тој. „Да му упатиме голем аплауз.“
Папата им се заблагодари на Винцентинците за понудениот оброк. „Навистина, навистина сме исполнети со дух на благодарност за овој ден“, додаде тој.
При благословот на храната, Папата ги сврте мислите кон оние кои и понатаму страдаат во светот.
„Да го принесеме благословот на Господ и за бројните луѓе кои страдаат поради насилство, војна и глад“, рече тој. „Денес да го прославиме овој оброк во дух на братство.“
Сала исполнета со човечност
Низ салата волонтерите Винцентинци брзо се движеа меѓу масите, служејќи и насмевнувајќи се. Во фоајето подготвија пакет со средства за лична хигиена за секој гостин, заедно со мал панетоне, традиционален италијански божиќен колач.
Гостите беа од блиску и далеку: од римското предградие Примавале, од Нигерија и Украина, од Куба и Барселона.
Мисионерките на Милосрдието донесоа неколку мајки од нивниот дом на периферијата на Рим, каде што жени во криза наоѓаат привремено прибежиште. На една маса, една жена го доеше своето бебе, со лице обележано и од нежност и од умор.
„Ја изгубив работата, но не и достоинството“
На друга маса седеше жена од југот на Италија која ја изгубила работата откако ѝ била дијагностицирана попреченост. „Работев во кафетерија“, рече. „Ми рекоа дека не можам да издржам, и тоа беше тоа. Сега имам шеесет години. Некако се снаоѓам. Не е лесно, но се трудам да бидам пристојна – секогаш треба да си насмеан.
Нејзината приказна одекнуваше со многу други луѓе кои изгубиле работа или кога починал родител за кој се грижеле.
Но надежта сепак се провлекуваше низ речиси секоја приказна. Една асистентка од прифатилиште вo Асизи ја објасни својата мисија: „Смислата на животот е да им помагаме на другите, сиромашните се воплотено Евангелие.“
„Верата ни помага да продолжиме“
На другата страна од масата, една жена од Сомалија, со изразен римски акцент, ја раскажуваше својот долг пат на вера.
Во Рим пристигнала на дванаесет години, нашла прибежиште кај сестрите и била крстена од папата Бенедикт XVI во 2010 година. Сега се бори со тешка болест, но не се откажува од шегите и желбата да ги засука ракавите и да работи.
Во близина, една жена од Лавов рече дека нејзините роднини се борат на фронтот во Украина. „Продолжуваме – што друго можеме?“ рече таа. „Не знам дали некогаш повторно ќе се вратам дома.“
Франческо Карило, уметник познат како Вардeл, од Гаета, прелистуваше стрип исполнет со цртежи во црн туш. „Ми ја одзедоа куќата; ме измамија“, рече тој. „Би сакал да нацртам нешто за Папата. Бев тука еднаш со папата Фрањо, а сега има нов Папа.“
Поддршка на заедницата
Извидници, волонтери на Каритас, монаси и мирјани ја исполнуваа салата, нудејќи близина со оние кои живеат на маргините на општеството.
На масата со Папата, жена држеше стрип за Пинокио кој планирала да му го подари на папата Лав.
Близу седеше млад човек од Брегот на Слоновата Коска, кој не е католик. „Тоа не е важно“, рече тој. „Тука е прекрасно – се чувствуваш како дома.“
Неколку места подалеку, жени од Чиклајо, Перу, ги споделија своите тешкотии. „Јас сум вдовица“, рече една. „Живеам со мајка ми и ќерка ми, која е на терапија. Чекаме општински стан со години, сега сме поместени погоре на листата. Се надеваме дека ќе биде добро. Верата ни помага. Жива сум благодарение на Исус. Слава му на Бога што сè уште има добри луѓе, луѓе со добра волја.“
Кога оброкот заврши, Папата стана и покажа кон кошниците со овошје од Неапол, охрабрувајќи ги гостите да земат нешто за дома и на излегување да го земат подарокот.
Ватикан њуз/к.мк

