На крајот од светата Литургија во базиликата „Пресвета Богородица од Лухан“, папата Лав XIV му се заблагодари на аргентинскиот народ за топлото добредојде и порача дека ќе го носи во своето срце.
„Ви благодарам што ме пречекавте со толку многу љубов. Овде се чувствував како дома.“
Со овие зборови папата Лав XIV се обрати на крајот од светата Литургија во базиликата „Пресвета Богородица од Лухан“, неговиот последен поголем настан во Аргентина пред заминувањето за Перу.
Во своето обраќање Папата рече дека Му благодари на Бога „за сè што доживеав за време на посетата на оваа земја, родното место на нашиот сакан папа Фрањо“.
Тој им се заблагодари на сите кои придонесоа посетата да се оствари, на граѓанските и црковните власти, организаторите, соработниците и волонтерите, како и на многубројните луѓе, семејства и заедници кои учествуваа на настаните или ги следеа преку медиумите.
„Ти благодарам, Аргентино, што ме пречека со отворени раце!“
Светиот Отец потсети и на иконата на Пресвета Богородица од Лухан, кој „денес нè придружува, а во овие краишта пристигнал со запрежна кола и не сакала да го продолжи патувањето, туку останала овде засекогаш со вас“.
Папата рече дека иако наследникот на Петар сега мора да ја продолжи својата мисија на други места, таму каде што Господ ќе го испрати, сака Аргентинците да знаат дека секој од нив го носи во своето срце.
Потоа се помоли Бог да ја благослови оваа земја на Пресвета Богородица, чија сино-бела наметка се одразува и во боите на аргентинското знаме.
Папата посака народите од северот, со своите ридови и долини, од југот, со величествените глечери, од истокот, со реките и шумите, и од западот, со големите планински венци, да Му оддаваат слава на Господ за многубројните дарови што ги примиле и во Негово име со радост и благодарност да го навестуваат Евангелието.
„Да останеме соединети во Христос, да се молиме едни за други и да се довериме на мајчинската заштита на Пресвета Богородица од Лухан“, рече папата Лав.
„Збогум, моја сакана Аргентино!“
Ватикан њуз/к.мк

