Папата Лав XIV го именува Јозеф Гринвидл за нов митрополит надбискуп на Виена, Австрија.
Канцеларијата за печат на Светиот Престол во петок, 17 октомври 2025 година, објави дека папата Лав XIV го именува поранешниот апостолски администратор на Виенската надбискупија, Јозеф Гринвидл, за нов митрополит надбискуп на Виена.
Именуваниот надбискуп во изминатите девет месеци служеше како апостолски администратор на надбискупијата, по повлекувањето на кардиналот Кристоф Шенборн во јануари, по наполнувањето на 80 години. Шеесет и двегодишниот свештеник е дванаесетти надбискуп на Виена.
„На Бога не му требам совршен, туку достапен“
Во соопштението објавено од Виенската надбискупија, именуваниот надбискуп Гринвидл изјави дека го прифатил именувањето „по извесно двоумење“, објаснувајќи дека во него созреало убедувањето во изминатите месеци:
„На Бог не му е требам совршен, Тој сака да бидам достапен. Верувајќи во оние кои ме поддржуваат во молитва и со Божјата помош, кои ќе ме поткрепат, водат и зајакнат, со радост ја прифаќам оваа задача. Се радувам на средбата со многу луѓе — оние кои веќе припаѓаат на Црквата и оние кои сè уште бараат, на кои можеби ќе можам да им бидам од помош на нивниот животен пат“, рече тој.
Пастир од Виенската надбискупија
Роден во Холабрун, Долна Австрија, во рамките на Виенската надбискупија, Јозеф Гринвидл студирал теологија и оргули во австриската престолнина и бил ракоположен за свештеник во 1988 година од кардиналот Франц Кениг во катедралата „Свети Стефан“.
Со текот на годините, тој служел во Надбискупијата на повеќе пастирски и административни должности, вклучително и како секретар, а подоцна и како епископски викар под водство на кардиналот Шенборн. По неговото повлекување, Гринвидл беше именуван за апостолски администратор на Надбискупијата.
Иако не е широко познат надвор од епархиските кругови, отец Гринвидл е признат како посветен пастир со силен фокус на духовната обнова. Виенската надбискупија, дом на околу 550.000 католици, е најголемата во Австрија.
Традиционално, надбискупот на Виена е именуван за кардинал, иако оваа практика беше укината за време на понтификатот на папата Фрањо.
Кардинал Шенборн: „Надбискупијата е во добри раце“
Реагирајќи на објавата, кардиналот Кристоф Шенборн, поранешен надбискуп на Виена, изрази радост и благодарност за именувањето на неговиот наследник:
„За мене денес е длабоко трогателен и радосен ден. Што може да биде поубаво од сознанието дека нашата Надбискупија е во добри раце! Особено сум трогнат заради видливата радост низ целата надбискупија поради неговото именување. Во Источните Цркви верниците извикуваат на ракополагање: ‘Аксиос! Достоен е’. Ми изгледа дека луѓето во Црквата го кажуваат тоа за Јозеф Гринвидл веќе со недели и месеци. Колку е прекрасно што папата Лав сега го потврди тоа.“
Ватикан њуз/к.мк