Папата Лав: Автентичниот дијалог е неопходен во денешниот геополитички свет

Папата Лав: Автентичниот дијалог е неопходен во денешниот геополитички свет

На средбата со учесниците на Пленарното собрание на Дикастеријата за меѓурелигиски дијалог, папата Лав XIV ја истакна важноста на дијалогот и формирањето на совеста во време на конфликти, слабеење на довербата и брз технолошки развој.

Во свет обележан со војни, слабеење на довербата, технолошки предизвици и злоупотреба на религијата за политички цели, верата може да одигра важна улога во промовирањето на мирот преку дијалог и образование, истакна папата Лав XIV во четвртокот, 26 ноември 2026 година.

„Вооружените конфликти, слабеењето на довербата во мултилатералната соработка и манипулацијата со религијата за политички цели нè повикуваат да ја обновиме нашата посветеност на градењето на мирот“, рече тој на аудиенцијата во Ватикан со учесниците на Пленарното собрание на Дикастеријата за меѓурелигиски дијалог.

„Во денешниот поделен геополитички свет“, автентичниот дијалог е особено потребен. Сепак, „додека народите и нациите стануваат сè повеќе меѓусебно поврзани, стравот, соперништвото и исклучувањето продолжуваат да ги оддалечуваат едни од други“.

Членовите и советниците на Дикастеријата се собраа во Рим од 24 до 26 ноември на своето 15. Пленарно собрание. Тие размислуваа на темата „Придонесот на меѓурелигискиот дијалог во воспитувањето за невооружен и разоружувачки мир“, која Папата ја оцени како особено актуелна, „бидејќи конфликтите, недовербата и поделбите продолжуваат да ги оптоваруваат врските на човечкото семејство“.

Тој ги охрабри присутните да се среќаваат, да разговараат и да преговараат, нагласувајќи дека „во срцето на големите духовни традиции се наоѓа порака на мир“.

„Од своја страна, Црквата е повикана да застане покрај сите чие достоинство е загрозено и да им понуди надеж на оние чии животи се обележани со насилство и страдање“, нагласи Папата.

Интегралното разоружување бара преобразба на срцата и умовите

Папата Лав истакна дека „религиите имаат суштинска улога“ и во предупредувањето против сè поголемото искушение дури и мислите и зборовите да се претвораат во оружје, особено во време на брз технолошки развој.

Тој предупреди дека мирот е загрозен и од „технолошкиот напредок што ја поттикнува милитаризацијата на вештачката интелигенција“, при што одлуките за животот и смртта сè повеќе им се доверуваат на машините.

„Интегралното разоружување“, нагласи Папата, „не може да се постигне само преку политички договори или само преку намалување на вооружувањето“, туку бара „длабока преобразба на срцата и умовите“.

Никогаш да не се замориме од градење мостови

Папата потоа ја нагласи важноста на образованието во градењето „невооружен и разоружувачки мир“. Иако мирот е Божји дар, тој треба да се негува и преку „формирањето на совеста“, за да се надминат „омразата, огорченоста и рамнодушноста“.

„Во време кога стравот и предрасудите многу лесно се засилуваат, особено во дигиталните средини, потребно е да се поттикнува култура на средба, помагајќи им на младите одговорно да комуницираат, мудро да расудуваат и да градат мостови над различностите“, рече тој.

Папата повторно ја нагласи важноста на верата, бидејќи воспитувањето за дијалог може да донесе трајни плодови само „кога ќе стане заедничка одговорност на целиот Божји народ“.

„Дијалогот не може да им биде доверен само на специјалистите“, рече тој, додавајќи дека тој треба да најде место во семејствата, парохиите, училиштата, работните места и во секојдневниот живот.

„Секоја помесна Црква, според сопствените околности, е повикана трпеливо да ги сее семињата на доверба, меѓусебно разбирање и братство преку дијалог. Со текот на времето, тие семиња можат да донесат плод во служба на хармонијата и интегралниот развој на секоја човечка личност“, продолжи Папата.

„Никогаш да не се замориме од градење мостови, надминување на поделбите и сведочење за надежта и мирот, кои се дарови на воскреснатиот Господ“, порача папата Лав.

Важноста на дијалогот

На крајот, папата Лав истакна дека „во Христос, Црквата го наоѓа изворот на својата евангелизациска мисија и светлината што ја води во средбата со народите и заедниците што припаѓаат на други религиозни традиции“.

„Во тие традиции таа може да ги препознае ‘семињата на Словото’ и ‘не отфрла ништо од она што е вистинито и свето’ во нив.“

Папата објасни дека дијалогот е израз на евангелизациска мисија на Црквата, која ги води луѓето кон средба со Господ.

„Кога правилно се разбира, дијалогот не ги компромитира начелата на Евангелието, ниту го ослабува мисионерскиот повик на Црквата“, рече Папата.

„Заедно со навестувањето на Радосната вест, дијалогот сведочи за хармонија втемелена во вистината, воплотена во љубовта и поддржана од надежта.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот