На празникот Крштение Господово, папата Фрањо во Сикстинската капела крсти тринаесет деца на вработени во Ватикан. Во кратката проповед што ја одржа без однапред подготвен текст, Папата ги поттикна родителите и кумовите да ги придружуваат малите на патот на верата: „Учете ги да се молат веќе од сега, бидејќи молитвата ќе им даде сила за целиот нивен живот.”
Денешниот ден е како роденден, бидејќи по крштението повторно се раѓаме за христијански живот. Затоа ве советувам да ги научите вашите деца на датумот на крштевање, како нов роденден. Нека се сеќаваат и нека му благодарат на Бога секоја година за благодатта со која станаа христијани –им порача папата Фрањо на родителите на тринаесетте деца на вработени во Ватикан, кои во недела 8 јануари 2023 година ги крсти во Систинската капела.
Почетокот на патувањето
И оваа година папата Фрањо ја продолжува традицијата што ја започна Иван Павле II во 1980-тите, крштевајќи ги децата на вработените во Ватикан. На денешната церемонија во Систинската капела се собраа повеќе од 50 луѓе – родители, кумови, браќа и сестри. До 2020 година, Папата крстеше повеќе од триесет деца. Традицијата беше прекината во 2021 година поради пандемијата на КОВИД-19. И оваа година, како и лани, имаше помал број на крштевки – 13 момчиња и девојчиња. Со Папата концелебрираа кардиналот Конрад Крајевски, делител на Папската милостина и кардиналот Фернандо Вергез Алзага, претседател на државната управа на Градот Ватикан.
Во проповедта Светиот Отец ги посвети своите мисли посебно на иднината на тие малечки, а обраќајќи им се на родителите рече: „Децата што ги носите сега го започнуваат своето патување, но на вас и на кумовите е да им помогнете да одат напред по тој пат.
Нека научат да се молат како деца, со раце, гестови… Но како деца нека научат да се молат, бидејќи молитвата ќе биде она што ќе им дава сила во текот на целиот живот: во убавите моменти да му благодарат на Бога, а во лошите моменти да пронајдат сила.
Како роденден
Покрај молитвата, папата Фрањо ги советуваше родителите да ги научат своите деца на денот на нивното крштение. Тоа е како роденден, затоа што повторно не раѓа за христијански живот. Затоа ве советувам да ги научите вашите деца да се сеќаваат на денот на нивното крштевање, кој е како нов роденден; нека се сеќаваат и нека му благодарат на Бога секоја година за благодатта со која станаа христијани – рече Папата.
Нека научат да бидат христијани – додаде тој, гледајќи ги присутните мајки, повторно ги охрабри, како што тоа секогаш го прави за време на ваквите славења:
„Нека плачат. Можеби некој плаче од глад: слободно дојт ги. Важно е денес ова славење да биде празник, празник на почетокот на еден убав христијански пат, кој ќе им помогнете на вашите деца да одат напред. Можеби некое од нив е премногу покриено и му е топло: направете да им биде удобно, направете да им биде комотно. Со нив го славиме овој почеток на патувањето.“
Ватикан њуз/к.мк