Папата: Исмејувањето на најслабите е дело на сатаната

Папата: Исмејувањето на најслабите е дело на сатаната

Што е тоа во нас што нѐ тера да се потсмеваме на најслабите? – праша папата Фрањо на првата проповед во новата година, за време на Литургијата на 8 јануари 2018 година, која ја служи во Домот Света Марта во Ватикан, коментирајќи ги мноштвото прикази во Библијата, во кои најсилните ги понижуваат најкревките. Зад таквото однесување се крие ѓаволот – рече Папата, во него имено нема сочувство.

Светиот Отец во проповедта одлучи да се задржи на првото читање од денешната Литургија односно делот од Првата книга Царства (1 Царства 1,1-8), која зборува за родителите на пророкот, Елкана и Ана. Елкана имал две жени. Ана која била неплодна и Фенана, која имала деца. Но наместо да ја теши Ана, Фенана не пропуштала можност за да ја понижи и злоставува, потсетувајќи ја на нејзината неплодност.

Во Библијата има бројни настани за презирање на слабиот

Истото се случува и на други места во Библијата, а Папата наведе што се случи помеѓу Хагара и Сара, жените на Авраам, од кои Сара била неплодна. Но исмејувањето и презирањето на слабиот исто е и став кај мажите, како што е случајот со Голијат и Давид. Потсети и на примерот со жените на Јов и Товит, кои ги презираат своите мажи кои страдаат.

Се прашувам што се наоѓа во тие луѓе? Што е тоа во нас што нѐ наведува на презирање, злоставување и исмејување на најслабите. Може да се разбере некој да нападне посилен: тука можеби станува збор за завист, која нѐ наведува на тоа. Но зошто и кон слабите? Што се случува во нас, што нѐ поттикнува на тоа? Тоа е нешто невообичаено, како да морам да го презирам другиот, како би се чувствувал сигурен. Како да станува збор за неопходност – рече Светиот Отец.

Суровост дури и меѓу децата

Тоа се случува и меѓу децата – истакна Папата, потсетувајќи се на еден спомен од детството. Имено, во неговото соседство живеела жена со име Анџиолина, која била психички болна, и по цели денови одела по улиците. Жените би и давале нешто за да јаде, понекогаш и некоја облека, но децата ја исмејувале. Децата викале: Ајде да ја најдеме Анџиолина за да се забавуваме малку. Колку ли само злоба има дури и во децата – коментира папата Фрањо.

А со тоа денес постојано се соочуваме, во училиштата, феноменот на булизам, напаѓање на слабите затоа што другиот е дебел или затоа што е таков или таков, затоа што е странец или затоа што е црн, поради ова или она. Да се напаѓа, да се напаѓа…. Деца, млади… Не само Фенана или Хагара, или жената на Товит или Јов, туку и децата. Тоа значи дека нешто има во нас, што нѐ наведува на тоа, на агресија кон послабите. И верувам дека тоа е еден од белезите на источниот грев – истакна Светиот Отец.

Зошто желба за уништување на другиот? Станува збор за сатанско дело

Можеби психолозите може да понудат свои објаснувања, па и желбата за уништување, бидејќи е слаб, но јас велам дека тоа е еден од белезите на источниот грев – потврди Папата и продолжи: Тоа е дело на сатаната, а во него нема сочуство. И така, кога имаме добра желба да правиме добро, дело на љубоб кон ближниот, велиме: „Светиот Дух е тој кој ме поттикнува на тоа“. Кога ќе сфатиме дека во себе ја имаме таа желба да го нападнеме другиот, бидејќи е слаб, тогаш не се сомневаме: тоа е ѓаволот. Затоа што тоа е дело на ѓаволот, да се нападне слабиот – рече Папата и заврши: Да го замолиме Господ да ни даде милост за сочуство: тоа доаѓа од Бог кој има сочувство за нас и ни помага во нашето чекорење.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот