Папата им се заблагодари на вработените во Ватикан за нивната дискретна и драгоцена служба

Папата им се заблагодари на вработените во Ватикан за нивната дискретна и драгоцена служба

Пред молитвата „Ангел Господов“, папата Лав XIV ги поздрави директорите, вработените и членовите на семејствата од Ватиканската цвеќарска служба и службата за одржување на објектите, повикувајќи ги да се потсетуваат дека „верата и молитвата му даваат полн смисол на сè што правиме“.

Обраќајќи им се на директорите и на персоналот од Ватиканската цвеќарска служба и службата за одржување на објектите, папата Лав XIV ја изрази својата благодарност за нивната работа во зачувувањето на редот и безбедноста во рамките на Ватикан.

„Како директори, службеници и работници во овие два оперативни сектора на Државата Град Ватикан, покажавте голема посветеност со вашата одговорност, особено за време на неодамна завршената Јубилејна година“, истакна Папата.

Благодарение на нивната преданост, нагласи тој, милиони луѓе имале можност да го направат ходочестието низ Светата Врата на базиликата „Свети Петар“ „на уреден и спокоен начин, плодно учествувајќи во литургиските богослужби, аудиенциите и други настани“.

Поглед кон иднината

Ценејќи ја нивната напорна работа, Папата упати и охрабрување за идните проекти. Посебно ги спомена оние што се однесуваат на тековното унапредување на техничките и логистичките услуги, како и грижата за просториите во Ватикан, особено за оние наменети за средби и молитва со Папата.

Тој дополнително објасни дека достоинството на овие простори и целовитоста на градбите „го наоѓаат својот највисок смисол во поддршката на побожноста на верниците и пасторалната мисија на Црквата“.

Особено, базиликата „Свети Петар“ е свето место кое треба да се заштити бидејќи, пред сè, таа е „храм на созерцание, прибраност и духовно восхитување“. Плоштадот пред неа, кој ги прегрнува сите преку својата колонада, „е, како што велиме, ‘визит-карта’ на нашето добредојде за сите“.

Сите сме обединети

Папата Лав ги повика членовите на Ватиканската цвеќарска служба и службата за одржување, додека ги извршуваат своите секојдневни задачи, да размислуваат за сите што доаѓаат на местата за кои тие се грижат и да се молат за нив. Тој рече: „верата и молитвата му даваат полн смисол на сè што правиме“.

Светиот Отец исто така призна дека нивната секојдневна работа „навистина е дискретна и драгоцена служба за апостолската мисија на Папата“. Таа е дел од поширокото дело на Управата на Државата Град Ватикан и на Дирекцијата за инфраструктура и услуги, кои тој ги пофали за нивниот внимателен надзор за многуте задачи што им се доверени во Ватикан.

„Секој од нас, во својата улога, особено во времиња на искушение, треба да се потсетува дека сме членови на едно единствено тело“, нагласи тој. Затоа, нашата цел е да сведочиме за Евангелието „според заповедта на Господ, Добриот Пастир и Глава на Црквата“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот