Носталгијата за минатото која била богата со духовни звања и забележителните достигнувања не смеат да ве спречат и денес во својата средина да го препознаете животот кој Господ го дава да цвета – истакна папата Фрањо на 24 јуни 2017 година за време на средбата со членовите на Конгрегацијата Воскресение на нашиот Господ Исус Христос (Воскресенци), институт на посветен живот кој во 1836 година во Пaриз го основа полјакот Богдан Јански. Членовите на таа конгрегација се собраа во Рим по повод 33. Генерално собрание, а тема на нивната средба гласи: „Сведоци за присутноста на воскреснатиот Господ: од заедницата кон светот“.
Папата на присутните монаси им ја предложи за пример Марија Магдалена, која по средбата со воскреснатиот Христос побрза да им навести на учениците дека Христос е жив, дека има моќ да ја победи смртта и да ни дарува вечен живот. Тој ги предупреди да не попуштаат пред носталгијата, туку да бидат мажи поттикнати од верата во Бог на историјата и животот и да го навестуваат доаѓањето на зората во темнината на ноќта; да бидат мажи од контемплација, на кои погледот на срцето им е вперен кон Господ и затоа можат да го видат она што другите не можат, бидејќи се зафатени со грижи; мажи кои се способни смело да навестуваат дека Христос е жив и дека е Господ. Светиот Отец исто така ги поттикна да бидат мажи на патот, институт во „излегување“, да одат кон секоја човечка периферија, таму каде што треба да се однесе светлото на Евангелието.
Светиот Отец ги поттикна како и учениците од Емаус да му дозволат на Воскреснатиот да оди со нив, посебно по патот на нивното разочарување и напуштеност. Таа средба ќе ве поттикне повторно да потрчате кон својата заедница, исполнети со радост и без задршка, а од заедницата во целиот свет за да им навестите на другите: Навистина Господ воскресна! – рече папата Фрањо и продолжи: Оние кои веруваат во Воскреснатиот имаат храброст да „излезат“ како на другите би им ја донеле Радосната вест за воскресението, при тоа прифаќајки опасности при сведочењето, како што тоа го правеле и апостолите. Колку ли само луѓе чекаат на тоа радосно навестување! Не би било во ред да им се скрати таа Радосна вест. Ако Христовото воскресение е нашата најголема сигурност и најскапоцено богатство, зарем нема да побрзаме кон другите за да им навестиме за тоа?
На крајот ги поттикна со благодарност да се сеќаваат на своето минато, со надеж да ја прегрнат иднината и со страст да ја живеат сегашноста. Благодарност за сеќавањето – напомена Светиот Отец – бидејќи харизмата е постојан извор на жива вода, а не шише дестилирана вода. Страст постојано да ја чуваме нашата прва љубов, која е Исус, да биде жива и млада. Надеж во спознанието дека Исус е со нас и дека ги води нашите чекори, како што ги водеше чекорите на нашите основачи – рече на крајот Светиот Отец
РВ/к.мк