Во врска со алармантната ситуација во Сеута, папата Лав XIV повика да се пронајдат решенија „што ќе донесат мир, стабилност и правда“. Тој исто така повика на дипломатски решенија за војните и конфликтите низ светот.
Папата ова го изјави во недела, 2 август 2026 година, за време на пладневната молитва „Ангел Господов“ на плоштадот „Свети Петар“.
Говорејќи на шпански јазик, папата Лав XIV рече дека „со загриженост“ ја следи „алармантната ситуација“ во Сеута. Тој се помоли Бог, по застапништвото на Пресвета Богородица од Африка, да помогне „да се најдат решенија што ќе донесат мир, стабилност и правда“.
Во краток период кон крајот на неделата, меѓу 50.000 и 60.000 луѓе пристигнаа од Мароко во шпанскиот пограничен регион во близина на Сеута. Најмалку 67 лица загинаа, а шпанската служба за спасување на море и Црвениот крст извлекоа десетици тела од водата.
Министрите за внатрешни работи на Европската Унија треба да разговараат за кризата во вторник. Шпанската влада соопшти дека речиси сите мигранти веќе се вратени во Мароко.
Дипломатски решенија за конфликтите
Папата се осврна и на насилството и војните во светот. Во тој дел од обраќањето тој продолжи на италијански јазик, кој вообичаено го користи за време на пладневната молитва.
„Да продолжиме да се молиме за мир, за војните во светот да престанат и да се најдат дипломатски решенија за конфликтите. Да се сетиме на сите жртви на непријателствата, особено на најслабите и најранливите: децата, старите лица и болните. Господ нека ги утеши сите што страдаат и нека ги благослови напорите на оние што нудат помош и утеха“, рече Папата.
Ватикан њуз/к.мк

