Папата за климатската криза: Продолжете со работата за радикална промена

Папата за климатската криза: Продолжете со работата за радикална промена

Папата Фрањо ги прими во аудиенција учесниците на меѓународната конференција на тема „Спасување на нашиот заеднички дом и иднината на животот на земјата“ во организација на Дикастеријата за промовирање на интегрален човеков развој.

За да се спречи реалната опасност на идните генерации да им оставиме урнатини, пустош и смет, неопходен е систематски и фокусиран напор насочен кон целосна екологија – истакна папата Фрањо на аудиенцијата со учесниците на меѓународната конференција организирана по повод третата годишнина од објавувањето на енцикликата  „Laudato si.“

Конференцијата на тема „Спасувањето на нашиот заеднички дом и иднината на животот на земјата“ ја организираше Дикастеријата за промовирање на интегрален човеков развој. Светиот Отец во својот говор потсети дека во полскиот град Катовице во декември оваа година ќе се одржи конференција на Обединетите нации за климатските промени и таа би можела да биде пресвртница на патот кој се започна со Парискиот довор од 2015 година.

Сите знаеме дека треба многу да се направи за да се спроведе тој договор – рече Папата и продолжи: Сите влади треба да настојуваат да ги почитуваат обврските кои ги преземале во Париз за да се избегнат најлошите можни последици од климатската криза. Намалувањето на гасовите со ефект на стаклена градина бара искреност, храброст и одговорност, првенствено од страна на оние држави кои се помоќни и кои најмногу се залагаат. Не можеме да си дозволиме губење на време – предупреди папата Фрањо.

ММФ и Светска банка повикани да поттикнуваат ефективни реформи

Меѓутоа не се само државите повикани да се вклучат во тој процес: локалните власти, граѓанското општество, економските и верските институции можат да поттикнуваат култура и практика на целосна екологија – објасни Папата изразувајќи надеж дека настаните како што е глобалниот акциски самит за климата кој ќе се одржи од 12 до 14 септември оваа година во Сан Франциско ќе пружи адекватни одговори.

Во тој контекст упати на она што тој и екуменскиот патријарх Вартоломеј го напишаа во заедничката порака за Светскиот ден на создаденото за 2017 година: „Уверени сме дека без давање предност на солидарноста и служењето не може да постои вистинско и трајно решение за предизвикот на еколошката криза и климатските промени, без усогласен и заеднички одговор, без прифаќање на заедничките одговорности кој е способно да бара сметка за она што се прави.“

Светиот Отец потоа нагласи дека и финансиските институции играат важна улога. За промовирање на интегралниот човеков развој потребна е промена на финансиските парадигми – истакна папата Фрањо и продолжи: меѓународните организации како Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка можат да промовираат ефикасни реформи за инклузивен и одржлив развој. Надежта дека финансискиот систем повторно ќе стане средство насочено на поддржување на вистинскиот развој и грижата за животната средина.

Неправдата не е непобедлива

Папата исто така рече дека и религиите посебно христијанските Цркви имаат клучна улога  во подржувањето и поттикнувањето на „еколошки преобраќања.“ Главните актери исто така се младите луѓе и автохните народи кои се на чело на промовирањето на целосната екологија, а исто така се и во центарот на претстојните две епископски синоди на Католичката Црква.

Од една страна „младите од нас бараат промена. Тие се прашуваат како е можно да се стремиме кон тоа да се гради подобра иднина, а притоа да не се мисли на кризата за животната средина и страдањето на исклучените“ (ЛС, 13) – истакна Светиот Отец и продолжи: Младите ќе се соочат со последиците од моменталната животна средина и климатската криза. Според тоа, меѓугенерациската солидарност не е по избор, туку темелно прашање на правдата затоа што светот кој сме го примиле припаѓа исто така и на оние кои ќе дојдат после нас (ЛС 159).

Папата Фрањо потоа предупреди дека е жалосно и болно да се види како на домородните народи им се одзема земјата и како нивната култура се гази со граблив став и со нов облик на колонијализам, кои се зацврстени со културата на отфрлање и конзумизот. За нив земјата не е обична роба, туку Божји дар и дар од нивните предци кои таму почиваат, свето место со кое треба да комуницираат ако сакат да го задржат својот идентитет и вредност – истакна Папата поттикнувајќи ги на крајот присутните да продолжат со работата за радикална промена кои ја бараат сегашните прилики затоа што неправдата не е непобедлива.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот