Папата за Годината на посветен живот: Очекувам да го разбудите светот

Очекувам да го „разбудите светот“ бидејќи пророштвото е главната карактеристика на посветениот живот – стои во писмото на папата Фрањо до монасите и монахињите за Годината на посветениот живот, која започна на 30 ноември односно на Првата недела од Адвент. Во писмото Светиот Отец зборува за целите, очекувањата и хоризонтите на ова посебна година која завршува на 2 февруари 2016 година.

Папата Фрањо зборува за три главни цели во монашкиот живот, а првата е „со благодарност гледајте на минатото“ за да се одржи жив сопствениот идентитет и сите аспекти на постот. Втората пак е „страствено живејте ја сегашноста“, живеејќи го Евангелието во духот на заедништвото, а третата е „со надеж прегрнете ја иднината“, и покрај тешкотиите со кои се среќавате во монаштвото, почнувајќи од кризата на звања.

Папата ги поттикнува младите монаси и монахињи да не попуштат на искушението на броевите и ефикасноста и да не се потпираат само на сопствените сили. Имагинацијата на љубовта не познава граници, а потребен е полет за Евангелието да се носи во културните и разните општествени рамки. Во заедницата кога верата се живее радосно ја прави Црквата привлечна – тврди папата Фрањо.

Сведочењето на братската љубов, солидарноста и споделување за зајакнување на Црквата која треба да биде ковачница на пророци, способни да ги читаат знаците на времето и да ги толкуваат случувањата, осудувајќи го гревот и неправдата. Папата очекува луѓето со посветен живот „да создаваат места“ каде што се живее евангелската логика на дарот, братството, различноста и взаемната љубов. Идеално место за таков живот е монашката заедница.

Папата сака Годината на посветениот живот да поттикне соработка на различни заедници во прифаќањето на бегалците, близина за сиромашните, во навестувањето на Евангелието и во молитвата. Иако пишува за луѓето со посветен живот, Папата не ја заборавил ниту важната улога на лаиците кои со посветените луѓе ги делат идеалите на духот и посланието, а ги поттикна епископите во монашките заедници да ги поддржуваат оригиналните харизми за во Црквата да блеска убавината и светоста на посветениот живот.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот