Папата за време на бдението во Мадрид: Да се урнат ѕидовите што не штитат, туку разделуваат

Папата за време на бдението во Мадрид: Да се урнат ѕидовите што не штитат, туку разделуваат

На третиот ден од својата еднонеделна посета на Шпанија, папата Лав XIV ѝ оддаде почит на Богородица од Алмудена со златна роза за време на бдението во катедралата во Мадрид. Во своето обраќање, Папата потсети дека илјадагодишната побожност кон Пресвета Богородица е знак на христијанските корени на Шпанија. Тој ги повика присутните да не ослабуваат во милосрдието и во сведочењето на верата.

Речиси во ниедна друга земја во светот Пресвета Богородица не се почитува толку силно како во Шпанија. Во земјата има дури 92 маријански празници, а речиси секој град има своја Богородица, со сопствено име и препознатлив лик.

Покровителка на главниот град Мадрид е Богородица од Алмудена, чиј лик се наоѓа во ниша на задниот ѕид од катедралата што го носи нејзиното име, „Санта Марија де ла Алмудена“. Во нејзина чест, папата Лав XIV го предводеше бдението со свештенството на земјата, на која присуствуваше и кралицата Софија, мајката на кралот Фелипе VI.

Златна роза за Богородица

Папата Лав, кој веќе ја почести Богородица од Фатима со златна роза за време на Јубилејот на маријанската духовност, оваа чест ѝ ја додели и на Богородица од Алмудена, како „симбол на синовската љубов на Папата кон Дева Марија“.

Златната роза, украсена со дијаманти, чија пупка е исполнет со балсам, мошус и света вода, во минатото им се доделувала на владетели, а денес им се доделува и на поединци или институции што ѝ укажале извонредна служба на Католичката црква.

Потоа папата Лав ја измоли молитвата што свети Иван Павле II ја составил за денот на посветувањето на катедралата „Санта Марија де ла Алмудена“, на 15 јуни 1993 година.

„Според традицијата, статуата на Богородица била скриена во една просторија во градските ѕидини на стариот град, во тешки времиња за христијанската заедница за да се заштити. Таму останала скриена долго време, сè додека не била пронајдена неповредена по чудесното уривање на дел од ѕидините“, ја раскажа Папата историјата на Богородица од Алмудена, која е многу почитувана во Мадрид.

Урнат ѕид што отвора простор за средба

Благодарение на „урнатиот ѕид“, Богородица повторно можела да се соедини со својот народ. Падот на ѕидот секогаш создава можности и поттикнува обнова, објасни Папата.

„Во нашите општества денес сè уште има многу ѕидови што не штитат, туку разделуваат, отуѓуваат и изолираат“, рече Папата, правејќи паралела со нашето време.

„Бидејќи мислиме дека уривањето на овие ѕидови може да нè изложи на работи што не ни се допаѓаат, понекогаш претпочитаме едноставно да ги потпреме или, уште почесто, да ги игнорираме“, додаде тој.

„За да се изгради нешто ново, убаво и трајно, мора да се биде подготвен да се урнат ѕидови, бидејќи за да се продолжи патувањето, потребни се простори што ни овозможуваат да го видиме хоризонтот“, порача папата Лав.

Во тој контекст, Папата потсети на пораката на Богородица од Алмудена и ги повика верниците од Мадрид „да не попуштаат во сведочењето на својата вера, за да можат да го видат планот на Отецот за љубовта; да не попуштаат во сведочењето на милосрдието, за да бидат обединети како едно семејство од браќа и сестри; и да не попуштаат во сведочењето на надежта, за таа да ги зајакнува во нивното дело во светот“.

„Алмудена“, сведок на ново христијанско време

Средновековните хроники раскажуваат дека за време на исламската инвазија, христијаните од Мадрид скриле статуа на Дева Марија во градските ѕидини, за да го заштитат од осквернување. Таму останал скриен со векови.

Кога кралот Алфонсо VI од Кастиља го освоил градот во 1085 година, наредил поворка и молитви за да се пронајде изгубената статуа. Тогаш, според преданието, се срушил дел од ѕидот, откривајќи ја недопрената статуа, која држела две запалени свеќи што никогаш не изгаснале.

Така Богородица од Алмудена од статуа пронајден во ѕид станала симбол на обновата на христијанството, а Мадрид подоцна станал главен град на голема католичка земја. Богородица од Алмудена се слави секоја година на 9 ноември како празник на градот Мадрид.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот