Мајка Божја е сликата на Црквата од која сакаме да учиме како да бидеме Црква која ја прифаќа целата убавина и културната разноликост на народите во Латинска Америка и Карибите – истакна папата Фрањо за време на светата Литургија по повод празникот на Пресвета Богородица Гвадалупска, 12 декември.
Мајка Божја е сликата на Црквата од која сакаме да учиме како да бидеме Црква која ја прифаќа целата убавина и културната разноликост на народите во Латинска Америка и Карибите, за некој да не се чувствува неплоден, посрамен или мал – истакна папата Фрањо за време на евхаристиското славење во базиликата Свети Петар по повод празникот на Блажена Дева Марија Гвадалупска, чија икона се наоѓа во Мексико Сити и се почитува во целиот свет, посебно во Америка.
Размислувајќи за евангелска сцена за посетата на Марија на Елисавета која се случила после Навестувањето, Папата го сврте вниманието на присутните на неплодноста и плодноста на Елисавета. Во својата неплодност таа се чувствувала стигматизирана и омаловажена од страна на менталитетот кој нејзината состојба ја смета за казна за нејзините или за гревовите на нејзинот сопруг.
И свети Хуан Диего кој бил припадник на мексиканското домородно население, а на кој Пресвета Богородица Гвадалупска му се објавува во 1531 година се чувствувал како Елисавета. Светиот Отец рече дека е исто и со домородните и афро-американските заедници. Често тие не се третираат достоинствено и немаат еднакви услови; многу жени се исклучуваат заради нивниот пол, расата или општествено-економската ситуација; младите луѓе добиваат образование со слаб квалитет и немаат можност да ги продолжат своите студии или да пронајдат работа за да основат семејство; многу сиромашни, невработени, мигранти се протеруваат од нивните земји, оние кои немаат земја преживуваат работејќи во сивата економија, а децата и девојките се жртви на детската проституција која често е поврзана со секс-туризмот.
Од друга пак страна – продолжи папата Фрањо – кога размислуваме за плодноста на Елисавета, гледаме дека е плодно-изненадена жена. Таа е првата која ја признава и благословува Марија. Она е таа која во својата старост, во својот живот, во своето тело, го искусила исполнувањето на ветувањето кое ѝ го дал Бог. Таа која не можела да има деца во својата утроба го носи претечата на спасението. Во неа сфаќаме дека Божјиот сон не е, а ниту ќе биде стерилноста, стигматизирањето или исполнувањето на неговите деца со срам, туку во нив и од нив тече песната на благословувањето. Исто така на наметката на свети Хуан Диего е втисната сликата на темнокожата Пресвета Богородица од Гвадалупе, покажувајќи така дека е Мајка, коија е во состојба да ги преземе особините на своите деца за да им помогне да се чувствуваат дел од нејзиниот благослов – рече Папата.
Светиот Отец рече дека таа дијалектика плодност-неплодност ни го свртува вниманието на богатството и културната разноликост на народите во Латинска Америка и Карибите, кои треба да се негуваат, но и храбро да се штитат од било кој обид за хомогенизација која завршува со наметнување на еден начин на размислување, суштествување, чувствување и живеење, што на крајот доведува до неплодност. Нашата плодност нè повикува – продолжи папата Фрањо – да ги штитиме нашите народи од идеолошката колонизација која го поништува она што е најбогато во нив, дали станува збор за домородно население, афро-американски заедници, мигранти или луѓе кои живеат во предградијата.
РВ/к.мк