Папата е загрижен поради судирите на Мадагаскар – неопходно е да се избегне секоја форма на насилство

На крајот од Генералната аудиенција на Плоштадот Свети Петар, во среда 1 октомври 2025 година, папа Лав XIV упати апел за источна Африка, каде што „генерацијата Z“ веќе неколку дена протестира против влошената економска и социјална состојба. Жестоките судири со полицијата доведоа до смрт на повеќе од 20 лица и стотици повредени. Папата се помоли за жртвите и побара зајакнување на општествената хармонија преку промоција на правдата и општото добро.
Папа Лав XIV изрази длабока тага поради вестите што пристигнуваат од Мадагаскар, кој со денови е погоден од немири по демонстрациите предводени од млади групи, незадоволни од честите прекини на водоснабдувањето и електричната енергија. Во апелот на крајот од аудиенцијата што ја одржа денес, 1 октомври, на Плоштадот Свети Петар, Светиот Отец зборуваше за насилните судири меѓу полицијата и демонстрантите, во кои, според последните податоци на ОН, загинале 22 лица, а повеќе од сто се повредени. Тој поттикна:
„Да го молиме Господ за да умееме секогаш да избегнеме какво било насилство и да охрабруваме за општествена хармонија преку промовирање на правдата и општото добро.“
Демонстрациите
Инспирирани од протестите на т.н. „генерација Z“ во Кенија и Непал, масовните демонстрации на Мадагаскар произлегоа од огорченоста на милиони жители поради сè потешката економска и социјална ситуација. Лошите основни услуги, распаднатата инфраструктура, честите прекини на електричната енергија и корупцијата во владата се меѓу причините за незадоволството. Групи млади преку социјалните мрежи организираа широка мобилизација, која кулминираше со протести и на 29 септември доведе до распуштање на владата на претседателот Андри Ражоелина, кој првпат дојде на власт со државен удар во 2009 година.
Протести и во други градови
Според проценките на Обединетите нации, меѓу жртвите не се само демонстранти, туку и минувачи убиени во судирите со безбедносните сили кои користеле солзавец, како и луѓе кои настрадале од насилствата на криминални групи што ги следеле немирите. Министерството за надворешни работи на Мадагаскар ги отфрли овие податоци за бројот на загинати, нарекувајќи ги гласини или дезинформации.
Во меѓувреме, упатен е нов апел за национална мобилизација, со повик јавните службеници да се приклучат на општиот штрајк. Нови протести беа закажани во квартот Амбохијатово во главниот град Антананариво, симболичното средиште на политичкиот живот на Мадагаскар, каде што демонстрантите влегоа синоќа. Протестите потоа се проширија и во други градови, меѓу кои и Диего Суарез, на северот од островот.
Ватикан њуз/к.мк