Во порака испратена до собир во неговиот роден град Чикаго, папата Лав XIV вели дека „кога луѓе од различни верски традиции се собираат на молитва, тоа има сила да го промени текот на историјата“.
Папата Лав испрати порака во сабота, 7 март 2026 година, до Меѓународната средба за мир и помирување, која се одржува на Универзитетот Лојола во Чикаго.
Тој на почетокот истакнува дека се радува што учесниците ја продолжуваат иницијативата „Градење мостови“, започната во 2022 година од папата Фрањо, а потоа посочи дека сака да нагласи три точки.
Прво, Папата истакна дека вистинскиот мир „не е само отсуство на конфликт, туку Божји дар“. Мирот, рече тој, не се „наметнува со насилство и измама“, туку се наоѓа во личноста на Исус, Кој „е со нас секогаш, до свршетокот на светот“.
Второ, папата Лав рече дека за да се постигне таква согласност, неопходни се „ангажман и посветеност на меѓународната заедница заради општото добро“. Тоа, нагласи тој, вклучува „интердисциплинарна соработка“, која ги обединува институциите, организациите, научниците и водачите од различни области.
Улогата на молитвата
На крајот, Папата нагласи дека мирот е „постојано патување на помирување“: со Бог, со самите себе, со другите и со созданието.
Тој забележа дека можеме да бидеме искушувани да веруваме дека епоха без конфликти е недостижна. Сепак, рече тој, важно е да се потсетиме на улогата на молитвата во градењето мир: „Кога луѓе од различни верски традиции се собираат на молитва, тоа има сила да го промени текот на историјата.“
Папата Лав ја заврши пораката повторувајќи ги своите охрабрувања до учесниците и уверувајќи ги во својот благослов.
За настанот
Меѓународната средба во Чикаго собира студенти, професори и стручњаци од различни земји на Америките, со цел да предложи конкретни патишта за градење мир во регионот.
Средбата ја организира Универзитетот Лојола во Чикаго заедно со Папската комисија за Латинска Америка (PCAL), во рамките на иницијативата „Градење мостови“ од 2022 година. Со средбата претседава кардинал Блејз Купич, надбискуп на Чикаго.
Се очекуваат пораки од папата Лав, надбискупот Филипо Јаноне (префект на Дикастеријата за бискупи и претседател на Папската комисија за Латинска Америка), кардиналот Жозе Толентино де Мендонса (префект на Дикастеријата за култура и образование), Натали Бекварт (потсекретар на пископската синода) и бискупот Лизардо Естрада (генерален секретар на Латиноамериканскиот и Карипски бискупски совет, CELAM).
Учесниците работат во пет тематски области: Мир и Црквата; Мир, право и миграции; Мир и економија; Култура и уметност како вдахновение за мир; и Мир, вистина и правда во ерата на вештачката интелигенција.
Настанот ќе заврши со завршни излагања на Емилсе Куда, секретар на Папската комисија за Латинска Америка.
Ватикан њуз/к.мк

