На 21 јануари 2018 година, утрото според локално време во светилиштето „Господ од чудата“ во Лима, папата Фрањо ја предводеше молитвата на која учествуваа припадници на различни контемплативни редови.
Папата во својот наговор рече дека радоста од спознанието дека сме деца Божји го храни нашиот живот кој секогаш сака да биде благодарен одговор на Божјата љубов, напоменувајќи дека е важно да се обновува таа радост од ден на ден.
Светиот Отец наведувајќи ги зборовите на света Тереза од Лизије ги поттикна сестрите да бидат љубов. На тој начин – продолжи Папата – вашиот клаузурен живот ќе може да постигне мисионерски и општ досег и ќе одигра клучна улога во животот на Црквата. Со својата молитва ден и ноќ ги донесувате пред Бог животите на толку наши браќа и сестри кои од различни причини не можат да дојдат кај Него за да го искусат неговото исцелувачко милосрдие, додека Тој на нив чека за да им даде благодат Со своите молитви можете да ги исцелите раните на многумина – рече папата Фрањо.
Папата напомена дека клаузурниот живот не го стеснува срцето, туку благодарение на нашиот однос со Господ го проширува, правејќи го способно на нов начин да ја чувствува болката, страдањето и несреќата на голем број наши браќа и сестри кои се жртви на културата на отфрлање. Нека застапувањето на оние во потреба биде карактеристиката на вашите молитви и кога тоа е можно помогнете им не само со молитвата, туку и со конкретно служење – рече Светиот Отец.
Предупредувајќи на искушението на озборувањето, ги поттикна постојано да се молат за единство во љубена Црква во Перу и да настојуваат да растат во сестринската љубов за секој манастир да стане светилник среде несогласувањата и поделбите. Нека сите кои ќе ви се приближат го имаат пред вкусот на блаженствата на братската љубо која е својствена за посветениот живот, а која толку е неопходна за денешниот свет и за нашите заедници – рече папата Фрањо.
Кога верно го живееме своето звање, нашиот живот станува навестување на Божјата љубов. Никогаш не престанувајте да го давате тоа сведоштво – ги поттикна Светиот Отец и заврши: Драги сестри, на Црквата сте ѝ потребни, бидете светилници со својот верен живот и продолжете да упатувате на Оној кој е Патот, Вистината и Животот, на единствениот Господ кој ни донесува исполнување и ни дарува живот во полнина.
РВ/к.мк