По повод отворањето на судската година, папата Фрањо во аудиенција ги прими членовите на судот на Римската Рота, а во својот говор се осврна и на бракот: врската меѓу сопружниците е дар што доаѓа од Бога, а во тој дар значењето на врската може повторно да се открие кога ќе се појави криза.
Денес има голема потреба, како во Црквата, така и во светот, повторно да се открие значењето и вредноста на брачната заедница меѓу мажот и жената, на која се заснова семејството – со овие зборови го започна говорот папата Фрањо во петок 27 јануари 2023 година, во кој тој им се обрати на членовите на судот на Римската Рота кои ги прими во аудиенција. Повод за средбата беше отворањето на судската година на тој суд чија работа се одвива посебно во делот на процесите поврзани со бракот.
Брачна љубов, е големо таинство
За Црквата, служењето на семејството е една од суштинските задачи. Папата Фрањо истакна дека Евангелието го осветлува и поддржува „големото таинство“ кое е брачната и семејната љубов и потсети на некои делови од Евангелието во кои Исус зборува за сопружниците како „едно тело“, потоа потсети и на Свети Павле, кој ја нарекува брачната врска „голема тајна“ поврзана со односот меѓу Христос и Црквата, како и на свети Иван Павле II. кој укажува дека Христос, при славењето на Светата тајна Венчание, на мажот и жената им дава ново срце за да можат да ја споделат полната и верната Христова љубов. Потоа Папата додаде:
Според учењето на Црквата, бракот не е церемонија или општествен настан, ниту формалност; ниту е апстрактен идеал; тоа е реалност со точно одредена вредност, а не некаква обична форма на емоционално задоволство што може на кој било начин да се обликува и да се менува според сечија чувствителност.
Бог е зачетник на бракот
Напоменувајќи дека е добро да се запрашаме како е можно верно и вечно соединување меѓу двајца сопружници, имајќи ја предвид човечката слабост, Светиот Отец истакна дека одговорот се наоѓа во Евангелието, кога Исус вели: „Бог што составил, човек да не разделува“. Во исто време, тој ја спомна и пасторалната конституција Gaudium et Spes, во која се вели: Самиот Бог е зачетник на бракот и додаде:
Сопружниците, имено, ѝ даваат живот на нивната заедница, со слободна согласност, но само Светиот Дух има моќ да направи од мажот и жената еден живот. Освен тоа, „Спасителот на луѓето и Свршеникот на Црквата доаѓа да се сретне со христијанските сопружници преку Светата тајна венчание“. Сето ова нè наведува на сознанието дека секој вистински брак, дури и оној кој не е светотаински, е Божји дар за сопружниците. Бракот е секогаш дар!
Божјиот дом е во семејството
За многумина брачната верност е утопија, убедени дека бракот трае додека постои љубов – забележа папата Фрањо и се запраша за каква љубов станува збор кога се во прашање сопружниците. Често се меша со сентименталност или личен интерес – додаде тој – додека брачната љубов е неразделна од самиот брак, во кој човечката љубов, кревка и ограничена, се среќава со божествената љубов, секогаш верна и милосрдна.
Но, дали може да има верна љубов? – праша Светиот Отец и рече: Во центар на Исусовата порака е новата заповед „љубете се еден со друг“; затоа, можно е оваа заповед да се примени на брачната љубов, која исто така е дар од Бога, сметајќи на благодатта Господова. На љубовта меѓу мажот и жената постојано и треба меѓусебно разбирање и простување, не треба да се идеализира како да постои само таму каде што нема проблеми – напомена тој и додаде:
Божјиот план, бидејќи е ставен во наши раце, секогаш се реализира на несовршен начин, но сепак Господовото присуство престојува во вистинско и конкретно семејство, со сите негови страдања, борби, радости и секојдневни одлуки. (…) Духовноста на семејната љубов се состои од илјадници вистински и конкретни гестови. Во таа разновидност на дарови и средби што го прави заедништвото зрело, Бог има свој дом.
Односот меѓу сопружниците е суштината на бракот
Постојаната реалност на бракот треба повторно да се открие како обврска – рече Папата, истакнувајќи дека овој збор понекогаш предизвикува сомнеж. Реалноста на бракот, имено, треба да се открие како обврска сфатена не како надворешно наметнување, туку како врска на љубовта, дар Божји, извор на вистинска слобода – објасни тој и, осврнувајќи се на Апостолскиот поттик Amoris laetitia, рече дека во оваа смисла предбрачната и брачната пасторална грижа треба да биде пред сé пасторална определба, во кои се внесуваат елементи кои помагаат и за созревање на љубовта и за надминување на тешките моменти. Ова не се само доктринарни верувања – рече тој – ниту можат да се сведува на скапоцени духовни ресурси кои Црквата секогаш ги нуди, туку треба да бидат и практични процеси, добро воспоставени совети, стратегии земени од искуство, психолошки насоки.
Парови во криза
Друг аспект што Светиот Отец сакаше да го нагласи е дека бракот е добар и има извонредна вредност за сите, за Црквата и за општеството. Од христијанска гледна точка, тоа е патот на сопружниците кон светост, светост која се живее во секојдневниот живот. Сепак, Папата не ги заборава страдањата и раните на бројните парови во криза, на кои им е потребна поддршка од христијанската заедница. Затоа, тој советува:
Основната алатка за соочување и надминување на кризата е обновувањето на свеста за дарот добиен во Светата тајна Венчание, неотповиклив дар, извор на благодат на кој секогаш можеме да сметаме. Во различни конкретни ситуации, кои понекогаш бараат соработка со хуманистичките науки, ова светло на сопствениот брак е суштински дел од процесот на помирување.
Папата Фрањо го заврши својот говор со молитва до Светиот Дух да ги излее своите дарови на присутните кои се залагаат да ѝ служат за вистината на бракот.
Ватикан њуз/к.мк